ЕВН: Нула толеранција за незаконско однесување на вработени

По повод апсењето на раководителот на КЕЦ Куманово, ЕВН Македонија го произнесе својот став истакнувајќи дека компанијата има нула толеранција за незаконско однесување на вработените.

Согласно интерните регулативи на компанијата, ЕВН Македонија има нула толеранција за неетичко, нечесно и незаконско однесување на своите вработени. Како и досега, ЕВН ќе соработува со полицијата за сите потребни информации во интерес на истрагата, без оглед дали криминалните дејства доаѓаат однадвор или одвнатре, од вработени лица. Воедно ги охрабруваме сите соработници, клиенти или трети страни, да пријават во надлежните институции доколку имаат сознание за било какво неетичко или незаконско однесување од страна на внатрешни или надворешни лица на ЕВН Македонија, се вели во соопштението.

Имено, денеска полицијата по претходни сознанија го уапси  раководителот на КЕЦ Куманово во ЕВН Македонија, М.Ј.(55) од Скопје, кој е спроведен во Основното Јавно обвинителство Куманово под сомнение дека примал поткуп.