ЕВН Македонија соопшти дека поголем дел од настанатите дефекти на среднонапонско ниво кои беа предизвикани од невремето во југозападниот дел на државава се отстранети. Екипите на ЕВН Електродистрибуција сега работат на решавање на проблемите во снабдувањето во останатиот дел на среднонапонска и нисконапонска мрежа.
Според ЕВН Македонија, без напојување се само уште неколку села во високите планински делови кои биле непристапни за екипите и каде временските услови не дозволиле да се работи во текот на ноќта. Над 80 проценти од корисниците во регионот кој беше зафатен од невремето имаат стабилно снабдување со електрична енергија, соопштуваат од компанијата.
Потенцираат дека од утринава е ангажиран максималниот расположлив капацитет од страна на ЕВН Електродистрибуција и надворешните компании во отстранување на дефектите, а најинтензивно се работи на потегот Струга-Јанче за да се овозможи стабилно снабдување со електрична енергија на жителите од Центар Жупа и реканскиот крај.
„Екипите на ЕВН Електродистрибуција ќе бидат постојано на терен во текот на целиот ден за да се овозможи непречено снабдување со електрична енергија на сите корисници на југозападниот дел на Македонија кој беше зафатен од големото невреме“, се вели во соопштението.