Северна Македонија си ја заврши „домашната задача“ и ние мора да испорачаме. Сакаме да почнеме преговори кои се всушност стартната линија. Но, картата за во ЕУ се реформите. Секој реформски чекор е чекор поблиску до ЕУ, изјави вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир во гостувањето на телевизија Сител.
Тој порача дека треба да продолжиме да го туркаме процесот и да стигнеме до целта, за да ги почнеме преговорите.
– Дали октомври е реалистичен? Да! Како што кажав португалското претседателство работеше напорно, Словенија потенцираше дека ова и е приоритет и ќе ја продолжи работата и мислам дека сите разбираме дека треба да продолжиме да го туркаме процесот за да стасаме до целта и да ги почнеме преговорите – нагласи Гир.
Евроамбасадорот Гир, вели дека тоа што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија и истакна дека е разочаран што земјава повторно не доби зелено светло за преговарачката рамка.
– Секако дека сум разочаран, сакавме да видиме што поскоро отворање преговори, последните 15 месеци беа тешки за сите, со ковид пандемијата, нормално е луѓето да сакаат да слушнат добри вести. И луѓето знаат дека ЕУ претставува најдобра можност за просперитет, стабилност, поткрепена од демократските принципи и владеењето на правото. Па сакаат да се придвижат напред, да го видат патот напред. Но, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да имаме чисти глави. Она што не е доведено во прашање, она што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија – потенцира Гир.
Јасно е, додаде, дека тоа останува стратешка цел на ЕУ, да ја види Северна Македонија како дел од ЕУ.
Во однос на критиката од премиерот Зоран Заев дека „Европа има проблем кој произлегува од самата Европа Унија“, Гир нагласи дека политиката на проширување и одлуките на тоа поле се носат едногласно.
– Тоа се правилата на играта и треба да ги разбереме, затоа што ние тука зборуваме за канење на трета земја да дојде во клубот, да седне на масата и да носи одлуки. Темата е важна. Но, каде сме? Имаме констурктивен предлог од португалското претседателство кое има за цел да го придвижи процесот. Одреден напредок е постигнат и мора да продолжиме до целта, а истовремено има конструктивни дискусии меѓу Софија и Скопје – рече Гир, порачувајќи дека треба да се фокусираме на реалните можности, а тие, како што рече, се во рамките на португалскиот предлог за кој напорите ќе ги преземе Словенија со новото претседателство наскоро и истовремено билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се постигне напредок.
Според него Македонија и Бугарија треба да продолжат со дијалогот. Важно е, вели тој, напорите да продолжат на двете страни за да можеме да видиме решение за проблемот.