
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го игра третиот меч од Евробаскет 2015, а противник е Хрватска.
Еден пораз, од Грција и еден триумф, против Холандија, тоа е билансот на нашите кошаркари во досегашниот тек од Евробаскет 2015. Вечерва на програмата е третото коло, а Македонија се среќава со Хрватска.
„Коцкестите“ се големи фаворити на овој натпревар, но сепак нашите репрезентативци најавуваат голема борба со цел да стигнат до изненадување.
Македонската репрезентација, но и спортската јавност, посакува пласман во следната рунда, а за таа цел потребна е барем уште една победа. Дали ќе биде обезбедена вечерва, или против Грузија или Словенија, останува да се види.
Традицијата е на страната на Македонија. Нашите кошаркари три пати досега играа на најголемиот празник 8-ми септември, Денот на независноста.
На сите четири натпревари Македонија забележала победа. Во 2009-та на ЕП во Полска, Македонија го совлада Израел со 82:79, потоа во 2011-та на ЕП во Литванија, на истиот ден бевме подобри од Грузија со 65:63. Пред две години во Словенија, на нашиот најголем празник игравме против БиХ и славевме со 62:54.
Ова ќе биде четврти меч, па нека биде и четврта победа за продолжување на традицијата.