„Скопје ќе ги започне преговорите за членство кога ќе ги исполни критериумите за членство и ќе го измени својот устав – изјави новата бугарска еврокомесарка Илијана Иванова во интервју за „БНТ“ на првиот ден од стапувањето на функцијата во Европската комисија.
Во однос на македонското-бугарските односи и прифаќањето на нашата земја во ЕУ, Иванова е категорична дека не се можни исклучоци на патот кон полноправно членство. Таа оценува дека Македонија допрва треба да ги почне преговорите, за разлика од македонската влада која ги третира преговорите како почнати и дека со уставните измени тие треба само да продолжат.
– Проширувањето е другиот важен приоритет што беше споменат минатата недела. Критериумите се многу важни и важат за сите со еднаква сила. Сите земји кои се на пристапниот пат преземаат конкретни обврски. Во случајот со Северна Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема како Комисијата да ја заврши работата на земјите-кандидати – изјави Иванова во интервју за „БНТ“.
Европскиот совет пред три дена официјално ја именуваше Иванова за нов еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, по заеднички договор со претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.
Иванова доаѓа на местото на Марија Габриел, која во мај се повлече од должноста еврокомесар за да ја преземе функцијата бугарски вицепремиер и министер за надворешни работи.