Еврокомесарот за трговија поднесе оставка поради кршење на мерките против коронавирусот

Европскиот комесар за трговија, Ирецот Фил Хоган, во средата вечерта поднесе оставка на должноста, по притисоците од ирската влада бидејќи ги прекршил мерките против епидемијата на коронавирусот во Ирска.

„Вечерва на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ѝ поднесов оставка на местото на европски комесар за трговија. Сѐ е појасно дека контроврзиите во поглед на мојата неодамнешна посета на Ирска почнале да го одвраќаат вниманието од мојата работа како европски комесар и да ја дискредитираат мојата работа во следните клучи месеци, особено во преговорите за договорите за идните односи со Велика Британија“, наведува Хоган во писмената изјава за јавноста.

Фил Хоган повторно се извинува и истакнува дека бил убеден дека ги почитувал епидемиолошките мерки. „Важно е да се каже дека не сум го прекршил законот. Како претставник на јавноста, морав построго да ги почитувам упатствата против коронавирусот“, додава досегашниот еврокомесар.

Под притисокот на Фон дер Лејен, Хоган во вторникот во изјава на четири страници го опишал својот престој во Ирска од 31-ви јули до 21-ви август. Тој на 19-ти август во голф клуб во Голвеј присуствувал на вечера на којашто имало повеќе од 80 луѓе, многу повеќе од шест лица колку што дозволуваат прописите во Ирска. Исто така, не се придржувал на мерките за одење во карантин откако во Ирска допатувал од Брисел.

Повикувајќи се на негативен тест на коронавирусот, Хоган тврди дека не ги прекршил правилата за карантинот. Меѓутоа признал дека не требало да учествува на вечерата по повод 50-годишнината од голф клубот на ирскиот парламент на кој имало 82 гости. Освен тоа, два дена по вечерата ирската полиција го запрела Хоган, бидејќи додека возел разговарал на мобилен телефон.

Поради споменатата вечера оставки поднесоа неколку функционери, вклучително и ирскиот министер за земјоделие Дир Калеари.

Споменатата вечера предизвика гнев во Ирска, бидејќи Ирците не можеа во тој период да одат на погребите на блиските, или мораа да ги одложуваат летувањата и венчавките за да ги запазат едни од најострите мерки во сузбивањето на епидемијата на коронавирусот.

Поради тоа, следеа и повиците од челниците на владејачката коалиција за Хоган да го преиспита своето останување на должноста еврокомесар.

Фил Хоган го држеше еден од клучните ресори во Европската комисија. Неговото заминување доаѓа во периодот на особено тензичните трговски односи меѓу ЕУ со САД и со Кина. Оставките на комесарите во ЕК се релативно ретки и секогаш имаат влијание врз географската и политичка рамнотежа на којашто почива Комисијата.