Евролига: Барса декласирана во Пиреја, Реал со звукот на сирената поразен во Белград

Кошаркарите на Олимпијакос на домашен терен во Пиреја ја декласираа Барселона со 95:74 (21:17, 23:19, 21:14, 30:24), во натпреварот од седмото коло во Евролигата.

Олимпијакос до победата го предводеа Еван Фурние со 19 и Саша Везенков со 18 поени. Кај Барселона најдобар беше Кевин Пантер со 18 поени.

Олимпијакос забележа четири победи и три пораза, додека Барселона забележа пет победи и два пораза. Во следното коло Олимпијакос во градското дерби ќе му гостува на Панатинаикос, додека Барселона ја пречекува Басконија.

Во четвртокот вечерта поразен беше уште еден шпански гигант. Макаби победи со голот на Сејбен Ли во последната секунда од натпреварот. Во последните 10 минути Реал влезе со предност од 64:55, но загуби во неизвесна завршница и така падна на сооднос победи-порази 3-4, на кој сега е Макаби.

Најефикасни кај Макаби беа Ли со 19 и Рокас Јокубаитис со 17 поени. Кај Реал подобри од останатите беа Марио Хезоња со 18 и Факундо Кампако со 16 поени.

Виртус од Болоња беше поразена со 90:99 на гостувањето кај Емпорио Армани во Милано во „сеиталјанската“ пресметка. Така Виртус остана на дното на табелата со сооднос 1-6, додека Емпорио Армани е на 2-5.

Славеше и Ефес, на гостински терен во Берлин ја победи Алба со 86:70 (25:19, 26:16, 17:17, 18:18). Ефес до победата го предводеа Дан Отура и Џордан Нвора со по 16 и Родриг Бубоа со 14 поени. Кај Алба се истакнаа Мартин Хермансон со 24 и Тревион Вилијамс со 16 поени.