Евролига: Барселона подобра од Ефес, Ѕвезда од Асвел

Барселона на отворањето на новата сезона во кошаркарската Евролига беше убедлива против Анадолу Ефес победувајќи со 91:74.

Вили Ернангомез со 18 поени и Јан Весели со 16 поени и седум скока беа најдобри кај Барселона, додека Шејн Ларкин го предводеше Ефес со 16 поени и 12 асистенции.

Црвена ѕвезда во Белград го победи Асвел со 94:73. Шабаз Напиер до победата го предводеше белградскиот тим со 21 поен, а Рокас Гидраитис со 17 поени. Од француската страна се истакнаа Жофри Ловерњ со 18 поени и Нандо де Коло со 13 поени.

Макаби во Тел Авив го победи Партизан со 96:81. Лоренцо Браун до победата го предводеше израелскиот тим со 22 коша и осум асистенции, додека кај Партизан најефикасен беше Алекса Аврамовиќ со 24 коша.

Баерн Минхен ја совлада Алба Берлин со 80:68 во германската пресметка. Во победничкиот тим прв стрелец беше Силвијан Франциско со 17 поени. Кај Алба Луис Олинда и Јоханес Тиман постигнаа по 12 поени. Крешимир Никиќ постигна четири коша за берлинскиот тим.

Жалгирис на гости го победи Виртус Болоња со 82:79. Кај победничкиот тим најефикасен беше Кинан Еванс со 25 поени, додека кај домаќините Џордан Мики постигна 18 поени.