Басконија во натпреварот од 19. коло на Евролигата беше поразена на свој паркет од белградска Црвена ѕвезда 73:75.
Најдобар стрелец кај Басконија беше Чима Монеке со 18 поени, Донта Хол постигна 14, а најновото засилување хрватскиот репрезентативец Лука Шаманиќ кој дебитираше вечерва одигра 17 минути за кои постигна четири поени со два скока.
Победата за Црвена ѕвезда ја донесе Исаја Канаан, кој постигна четири од своите 15 поени за конечните 73:75 во последните 40 секунди при водство на домашните со 73:71. Џоел Боломбој со 16 поени и осум скока беше најдобар стрелец на белградскиот тим кој со учинок 11-8 привремено се искачи на седмото место на табелата. Басконија со скор 8-11 на 14. позиција.
На врвот на табелата се Монако и грчки Олимпијакос со учинок 13-6. Двете екипи остварија гостински победи во ова коло. Монако победи со 105:90 кај берлинска Алба, а Олимпијакос го победи Жалгирис со 92:85 во Каунас.
Четврток беше лош ден за домашните тимови, бидејќи францускиот Асвел загуби во Вилурбан, каде Емпорио Армани од Милано победи со 75:66.