Преглед Евролига: Важна победа на Партизан во Болоња во борбата за плејофот

Кошаркарите на Партизан го совладаа Виртус во Болоња во 25. коло од Евролигата со 81:71 и на тој начин му се одмаздија за поразот во Белград, а го држат приклучокот со конкурентските екипи за влез во плејофот.

Белградските „црно-бели“ ја прекинаа серијата од три пораза против ривалите од Болоња и го продолжија одот кон позициите што значат елиминациска кошарка оваа сезона. Партизан сега има 13 победи и 12 порази и е на делната од деветтото до 11-то место во Евролигата.

Најдобар играч во тимот на Партизан беше Стерлинг Браун со 20 поени, пет асистенции и четири скока, Карлик Џонс постигна поен помалку, Тајрик Џонс оствари „дабл-дабл“ учинок со 12 поени и 12 скока, а Брендон Дејвис додаде 11 поени. Во тимот на Виртус најдобар беше Торнике Шенгелија со 16 поени, осум асистенции и пет скока, а двоцифрен учинок имаше и Ајзеа Кординија со 13 поени, пет скока и четири асистенции.

Во првата четвртина Партизан беше предводен од Браун и Исак Бонга, кои заедно постигнаа 13 од 17-те поени на „црно-белите“ (Браун осум, Бонга пет), додека Виртус го користеше одличниот шут за два поена (8/9). На стартот од втората четвртина Партизан го израмни резултатот со серија од 6:0, а потоа Метју Морган постигна „тројка“ за ново водство на Виртус. Од тој момент следуваше нова серија на „црно-белите“, овој пат 7:0 за плус четири за српскиот тим (30:26). Партизан продолжи да го зголемува водството и на пауза замина со плус осум (44:36), по „тројката“ на Ифе Лундберг и забивањето на Браун.

Партизан продолжи во ист ритам и на почетокот од вториот дел и по првиот напад со поените на Тајрик Џонс дојде до двоцифрено водство (46:36). Следеа две последователни „тројки“ на Карлик Џонс и Лундберг за плус 14 (52:38), но во завршницата од третата делница Виртус со три последователни „тројки“ ја намали разликата на 61:54. Партизан имаше одговор и по „тројката“ на Браун повторно дојде до двоцифрено водство (64:54), додека третата четвртина заврши со резултат 66:57.

Последната четвртина Виртус ја отвори со четири поени во низа намалувајќи ја негативата на 66:61, а потоа во неколку наврати се доближи на минус четири. Партизан успеа да го одбие налетот на Виртус со „тројката“ на Дејвис и кош со фаул на Карлик Џонс и поведоа со 75:67 на половина од последната четвртина. Во следните две ипол минути, италијанскиот тим направи серија од 4:0, но Партизан со кош и фаул на Тајрик Џонс отиде на „сигурни“ седум поени предност (78:71). Аријан Лакиќ одигра добро во одбраната, а Партизан без поголеми проблеми го приведе мечот во сугирна завршница.

Партизан во следното коло во петок ќе играат со Монако, додека Виртус ќе биде домаќин на парискиот тим.

Кошаркарите на Олимпијакос победија вечерва на гостински терен во Париз 90:73 (30:15, 18:16, 19:27, 23:15), во натпреварот од 25. коло на Евролигата.

Олимпијакос до победата го предводеа Саша Везенков со 23 и Еван Фурние со 18 поени. Најефикасен кај Париз беше Надир Хифи со 19 поени, а се истакна и Ти Џеј Шортс со 15 поени и девет асистенции.

Олимпијакос е прв на табелата со 18 победи и седум порази, а Париз е седми со 14 победи и 10 порази.

Во следното коло Олимпијакос ќе ја пречека Барселона, додека Париз ќе биде домаќин на Виртус Болоња.

Кошаркарите на Барселона на домашен терен го совладаа Макаби со 100:71 (28:26, 14:10, 32:24, 26:21).  Најдобар играч на Барселона беше поранешниот капитен на Партизан, Кевин Пантер со 28 поени. Најдобри стрелци на Макаби беа Хасиел Риверо со 16, Рокас Јокубаитис со 14 и Роман Соркин со 12 поени.

Барселона е осма со 14 победи и 11 порази, а Макаби е на претпоследното, 17. место со шест победи и 19 порази.

Макаби во следното коло ќе и гостува на Басконија.