Евролига: Ѕвезда убедлива со Париз, Олимпијакос и Везенков го демолираа Баерн, Реал победи во Каунас

Кошаркарите на Црвена ѕвезда го совладаа Париз со 85:69 (15:25, 24:14, 18:13, 28:17) во нивната белградска Арена, во рамките на 20. коло од Евролигата.

Натпреварот не беше особено атрактивен, Ѕвезда одигра многу добро во одбраната, додека во втората и четвртата четвртина нејзините играчи беа исклучително расположени во реализацијата на нападите.

Црвена ѕвезда очајно го отвори мечот но до полувремето успеа да се стабилизира и да израмни, а потоа во третата четвртина направи пресврт кој го заокружи во последната делница декласирајќи ги вечерашните ривали кои се во исклучително лоша форма.

Ова беше четврти последователен триумф на Црвена ѕвезда во Евролигата или седми во сите натпреварувања, додека Париз го врза петтиот неуспех во елитното натпреварување.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Исаја Кенан со 15 поени, а Коди Милер-Мекинтаер и Немања Недовиќ имаа по 14 коша. Двоцифрени број поени постигна и Филип Петрушев со 10 поени и седум скока, а Џоел Боломбој собра осум поени и 15 скока.

Најдобар играч на парискиот тим и покрај бледото издание во Белград беше македонскиот повремен репрезентативец ТиЏеј Шортс со 17 поени и четири асистенции, а Кевариус Хејс и Надир Хифи имаа по 13.

Црвена ѕвезда сега има сооднос победи и порази 12-8 во Евролигата, додека Париз има 11-8 и има натпревар помалку, со Фенербахче. Инаку, Црвена ѕвезда сега има учинок од 2-0 со Париз, што може да биде многу важно на крајот од регуларниот дел од сезоната.

Црвена ѕвезда следната седмица во Белград ќе ги пречекаат Фенербахче и Монако , додека Париз ќе ги одмери силите со Ефес и Макаби на својот паркет.

Црвена ѕвезда сега е во борбата за една од првите четири позиции на табелата, која носи и предност на домашен терен во плејофот, што секако сѐ уште не е обезбедено, бидејќи до крајот на лигашкиот дел остануваат уште 14 кола.

Олимпијакос и Саша Везенков уживаа во историска ноќ во петокот кога „црвените“ од Пиреа го демолираа минхенски Баерн со 112:69 во нивната сала „Мир и пријателство“. И покрај отсуствата на Еван Фурние и капитенот Костас Папаниколау, Олимпијакос водеше од почеток до крајот, а Везенков забележа рекордни 45 поени во кариерата, што е трето истварување според бројот поени во историјата на Евролигата.

Домаќините непречено ја делеа топката во текот на целиот натпревар, забележувајќи клупски рекордни 36 асистенции. Олимпијакос останува на врвот на табелата со скор од 14-6, додека Баерн падна на 11-9 откако го претрпе четвртиот пораз во пет натпревари.

Везенков ги предводеше стрелците на двете екипи, Шекиел МекКисик постигна 16 поени, а Алек Питерс постигна 15. Лука Вилдоза постигна 12 поени, а Мустафа Фол додаде 10. За Баерн, Девин Букер беше единствениот играч кој забележа двоцифрен број на поени, постигнувајќи 16 поени.

Олимпијакос моќно влезе во мечот, Везенков го отвори резултатот пред поинтирањето на Фол и петте поени во низа на Питерс да ги доведат домаќините во водство од 9:0. Гордон Херберт реагираше со менување на целата стартна петорка на минхенскиот тим, но Олимпијакос постепено се одлепуваше на 21:4. Војгтман ја прекина низата на Олимпијакос со „тројка“ пред кошот на Гифи да ја намали разликата на 23:9. Вилдоза одговори со четири неодговорени поени, но Букер заби во голем стил и Шабаз Напиер ја заврши делницата со удар за три поена со што ја намали негативата на 28:14 по првите 10 минути.

Букер ја отвори втората четвртина со „тројка“, пред леј-апот на Напиер и „тројката“ на Андреас Обст да ги донесе Баерн на заостанување 30:22. Сепак, Везенков и Фал од дистанца и од рекетот поентираа за повторно оддалечување на Олимпијакос на 35:22. Потоа, Олимпијакос тргна во серија 10:2 предводен од Везенков, чии 7 поени во низа доведе до 45:28. Сепак, Баерн возврати, при што Иван Харченков додаде 5 поени на своето конто, а Данко Бранковиќ поенитираше од под кошот убалжувајќи го водството на домашните на 51:37.

Играчите на Баерн се растрчаа на теренот на почетокот од второто полувреме, а Фојгтман со„тројка“ и кошто на Букер ја намалија гостинската негатива на 51:42. Фал и Везенков повторно влегоа во ритам пред „тројката“ на Вилдоза да го зголеми водството на Олимпијакос на 58:45. Букер и Везенков постигнаа по 5 поени во овој дел, но „тројката“ од Обст го врати Баерн на негатива 65:53. Олимпијакос одговори со серија од 7:0 овојпат предводена од Вилдоза за водство од 72:53. Потоа, Никола Милутинов реализираше две слободни фрлања, а Везенков повторно беше во преден план за одржување на предноста на 78:57 пред завршната четвртина.

Олимпијакос ја отвори четвртата делница со серија 16:0, а „тројките“ на Петерс и Везенков одново беа проследени со два обида за три поени на МекКисик и забивањето на Вилијамс-Гос за водство од 91:57. Потоа, незапирливиот Везенков постигна три последователни „тројки“, при што Јанулис Ларенцакис додаде и своја за конечниот резултат.

Кошаркарите на Реал Мадрид го совладаа Жалгирис во Каунас со резултат 83:64, а најдобар играч во мадридскиот тим беше Џанан Муса. Иако репрезентативецот на БиХ мина само 16 минути, доволно му беше да биде најефикасниот играч на Реал со 17 постигнати поени, а додаде и два скока. Кај Реал покрај Муса се истакна и Ибака со 13 поени, додека кај Жалгирис најдобар беше Вокер со 11 поени.

Инаку, и овој дуел наликуваше на оној во Белград бидејќи не изгледаше сѐ така добро за Реал по првата четвртина, бидејќи заостануваше дури 11 разлика, но потоа ја засили играта во одбраната и одигра одлично до паузата. Првото полувреме заврши со резултат 35:34 за Реал.

Реал продолжи да игра во исто темпо и во вториот дел, влегувајќи во последната четвртина со девет поени предност. Жалгирис немаше решенија за расположениот тим од Мадрид и на крајот мораше да се помири со поразот.

Забревтаниот Реал вечерва ја забележа петтата последователна победа во Евролигата и моментно се израмни на петтото место во некомплетното 20. коло со 11 победи и девет порази, додека Жалгирис е на 10-10.

Кошаркарите на Асвел го совладаа Ефес во Истанбул со резултат 82:76. Најефикасен кај победничкиот тим беше Нандо де Коло, кој постигна 16 поени, а Тео Маледон и Тарик Блек додадоа по 15 поени. Кај домашните најдобри играчи беа Шејн Ларкин и Винсент Поарје, кои постигнаа по 14 поени.

Кошаркарите на Ефес во досегашниот дел од сезоната во Евролигата забележаа 10 победи и 10 порази, додека Асвел има скор 9-11.

Кошаркарите на Асвел во следното, 21. коло од Евролигата на 14 јануари ќе го пречекаат Партизан, додека Ефес гостува кај парискиот тим.