Европа на енергетската криза потрошила речиси 800 милијарди евра

Европските влади потрошиле од септември 2021 година, кога започна енормниот скок на цените на енергенсите на европскиот пазар, речиси 800 милијарди евра за поддршки на домаќинствата и компаниите од растот на цените на енергијата, пресметал тинк-тенкот Bruegel.

Од септември 2021 до јануари 2023 година членките на Европската унија резервирале, односно распоредиле 681 милијарда евра, за да го ублажат ударот од енергетската криза, Велика Британија 103 милијарди евра а Норвешка 8,1 милијарди евра, според анализата на тинк-тенкот Bruegel објавена во понеделникот.

Сумата така се искачила на 792 милијарди евра и е повисока за 12,2 отсто, отколку што во Bruegel прогнозираа ланскиот ноември.

Најмногу потрошила Германија, речиси 270 милијарди евра, а следат Велика Британија, Италија и Франција коишто, секоја од нив издвоила по малку помалку од 150 милијарди евра. Повеќето од државите членки на ЕУ потрошиле само делче од вкупната сума. Поединечно по жител, најголема сума потрошиле Луксембург, Данска и Германија.

Буџетската потрошувачка на ЕУ на ублажувањето на последиците од енергетската криза се приближила со тоа на фондот на Унијата за закрепнување од пандемијата на Covid-19, кој изнесуваше 750 милијарди евра.

Поголемиот дел од сумите владите ги насочиле во ограничување на малопродажните цени на енергијата, како што е намалувањето на ДДВ-то на бензините или ограничувањето на малопродажните цени на струјата, забележуваат во Bruegel. Таа динамика мора да се промени, бидејќи на државите им снемува фискален простор, сметаат во тинк-тенкот.

„Наместо мерките со коишто всушност се субвенционираат (потрошувачката на) фосилните горива, владите сега би требало повеќе да е свртат кон мерките за поддршка на примањата на двата најниски квинтила во дистрибуцијата на приходот и стратешките сектори на стопанството“, вели истражувачкиот аналитичар Џовани Сгаравати.