Една година откако ја исклучија Русија, челниците на 46-те држави членки на Советот на Европа ќе се сретнат во вторникот на самитот во Исланд за да го покажат своето единство против Москва.
Самитот, кој е само четвртиот на оваа паневропска организација која тврди дека постои веќе 75 години, ќе разговара за кривична одговорност на Русија, којашто ја смета одговорна за разорувања и злосторства предизвикани со нејзината инвазија во Украина.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и неговата италијанска колешка Џорџа Мелони, кои од сабота го примија украинскиот претседател Володимир Зеленски, ќе го предводат европското семејство во Рејкјавик.
Што се однесува до украинскиот претседател, кој беше поканет како шеф на држава-членка, неговото присуство сѐ уште е неизвесно. Во понеделникот, Зеленски на Twitter објави дека „доаѓа дома“ по европската турнеја што го однесе во Рим, Берлин, Париз и Лондон, ветувајќи „ново моќно оружје“ додека неговата земја подготвува контраофанзива против руските сили.
Додека Москва сигнализира долга војна и покрај големите загуби, како што тврдат западните сојузници на Киев, Европа се обидува да покаже дека е обединета зад Украина.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, рече во понеделник претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„И ништо нема да се реши за Украина без Украина“, вети таа, во време кога Киев е сериозно загрижен дека ќе се најде под притисок на своите сојузници да преговара со Москва, доколку брзо не ги постигне очекуваните воени успеси во повеќе од половина година најавуваната противофанзива.
Суд за Украина
Исландските организатори се надеваат дека речиси 24-часовниот самит, кој го предизвика вообичаено мирниот Рејкјавик да донесе полициско засилување од странство, ќе доведе до „опипливи резултати“.
Особено ќе се инстистира дека мора да се започне со „регистарот на штетите“ предизвикани од руската инвазија, откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин. Притоа се пренебрегнува фактот дека Русија, следејќи ги САД, не е меѓу земјите кои ја признаваат јурисдикцијата на овој суд. Интересно, Украина коија исто така не е меѓу основачите на МКС, сѐ уште не се реши да ја признае неговата надлежност.
Регистарот би бил „првиот чекор и голем чекор кон репарациите платени од Русија“, рече фон дер Лајен, кој како и другите во Европа се залага за формирање специјален суд за воени злосторства во Украина, веројатно во Хаг.
Тркалезната маса, а потоа и вечерата на европските лидери, мора да прецизираат „како Советот на Европа може активно да им помогне на Украинците, како членови на ова големо европско демократско семејство“, соопштија од Елисејската палата.
До март 2022 година, Русија беше членка на Советот на Европа, редок европски или западен форум чиј дел беше и Москва.
Покрај 27-те членки на ЕУ, Советот на Европа вклучува уште дваесет нации и има вкупно 675 милиони жители. Најпознат е по својот Европски суд за човекови права (ЕСЧП).
Според Рејкјавик, на состанокот мора да се разгледа и „демократскиот пад забележан во Европа“, како и актуелните теми како што е вештачката интелигенција.
Самитот е и еден вид увертира на состанокот на Г7 што почнува в петок во Јапонија, каде Макрон, Сунак, Шолц и Мелони ќе се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден.