Светот е на прагот од „турбулентен период“ поради сѐ помалата снабденост со течен природен гас (LNG), предупредува челникот на британско-холандскиот концерн „Shell“, Бен ван Бурден, пренесува агенцијата Bloomberg, проценувајќи дека Европа тешко ќе го надомести гасот од Русија.
Светот е соочен со недостиг од природен гас поради нарушувањето во испораките од Русија во САД и посилната побарувачка, поттикната од закрепнувањето на економиите од пандемиската криза, пишува Bloomberg.
Русија во меѓувреме ги намали испораките на гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1 поради тоа што Канада повикувајќи се на антируските санкции поради војната во Украина одбива да ги испорача гасните турбини кои во оваа земја на ремонт ги испорача германски „Siemens“. Истовремено земјите во Европа се подготвуваат за целосно избегнување на испораките од Русија во нивните настојувања да ја намалат зависноста од руските енергенси, пишува натаму американската деловна новинска агенција.
Европа се обидува да најде замена за рускиот гас и разгледува опции преки засилен увоз на течен гас. Но шефот на „Shell“ напомнува дека Европа од Русија преку Северен тек 1 увезува третина од потребниот гас.
„Во Европа ќе пристигнува повеќе LNG, но дали ќе стасаа доволно нови испораки на течен гас за да се надомести недостигот? Мислам дека не“, изјавил Берден на деловен собир во Сингапур,
Според него, Европа би можела да извлече дополнителни 50 милијарди кубни метри гас годишно од контроверзното гасно поле Гронинген во Холандија, но тоа би била последната опција за холандската влада.
Производството на тоа наоѓалиште е ограничено веќе со години, бидејќи предизвикува потреси на почвата. Резервните капацитети се многу ниски, предупредува шефот на „Shell“, а побарувачката сѐ уште закрепнува.
„Кога ќе се земе тоа предвид, како и неизвесноста поради војната во Украина и санкциите кои би можеле да произлезат од неа, шансите се големи дека пред нас е турбулентен период“, заклучува Берден.
Извршниот директот на „Shell“, исто така, е скептичен кога станува збор за предлогот на челниците на земјите од групата Г7 за воведување ограничување на цената на руската нафта.
Лидерите на Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада, САД и Франција на самитот оваа седмица во Германија ја потврдија својата намера да ја намалат зависноста од енергенсите од Русија, и се согласија да започнат со ограничувањето на цените на нафтата и гасот од Русија, преку привремено ограничување на цените на увозот и цените на осигурувањето на испораките преку поморски пат.
„Веќе можат да се забележат недостатоците на предлогот“, коментира Берден.
Според него, предложениот систем ќе функционира само доколку му се приклучат голем број земји, и нема да биде ограничен само на Европа и САД. Во спротивно, вели шефот на „Shell“, руската сурова нафта ќе биде испорачувана во оние земји кои се задоволни од односите со Москва.
Според Берден, како и со гасот, не е подобра и ситуацијата со нафтата, бидејќи Организацијата на земјите извознички на нафта (ОPEC) има помалку резервни капацитети отколку што се очекувало.