Европа загрижена поради намалените испораки на руски гас

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ во понеделникот го започнува рутинското годишно десетдневно техничко одржување на гасоводот Северен тек 1, а Германија и другите европски земји со загриженост ги следат активностите исчекувајќи дали гасот повторно ќе протече.

Годишните ремонти на двата цевковода беа најавени уште многу претходно. Меѓутоа, постои стравување дека додека поради војната во Украина односите меѓу Западот и Русија се на најниското ниво со децении, „Газпром“ би можел да ја искористи можноста едноставно да ги затвори вентилите за Европа. Сепак, од Москва досега повеќепати уверуваа дека руската страна доследно ќе се придржува до договорите за испораките, но предупредуваат дека западните антируски санкции прават пречки за нормалното функционирање на руските системи и ги ограничуваат испораките.

„Путин ќе ја затвори славината за гасот… но дали повторно ќе ја отвори?“, пишува песимистички во понеделникот на интернет страницата на германскиот дневен весник Bild.

„Соочени сме со ситуација без преседан, сѐ е возможно. Можно е гасот уште еднаш да протече, дури и на повисоко ниво на волуменот од претходно“, рече германскиот вицеканцелар Роберт Хабек за јавното радио викендов.

Меѓутоа, предупреди дека „можно е ништо да не стаса и сѐ уште мораме да бидеме подготвени на најлошото“, додека Европа буквално се бори со тоа да не биде повеќе зависна од руските енергенси.

Но барем едно големо прашање беше решено викендов, кога Канада се согласи на Германија да ѝ ги врати турбините неопходни за одржување на гасоводот Северен тек 1, кои германски „Siemens“ ги испрати на ремонт во своите канадски погони.

Германскиот канцелар Олаф Шолц преку својот портпарол во неделата ја „поздрави одлуката на нашите канадски пријатели“ да дадат, како што Отава ја нарече, временски ограничена и отповиклива дозвола на „Siemens“ да му се дозволи враќање на уредот и предавање на Русија.

Украина, меѓутоа, го обвини Берлин дека попуштил пред руската „уцена“, откако Москва објави дека намалувањето на испораките се поради ремонтот, како и поради новонастанатите пазарни услови како последица на војната во Украина вклучително и антируските санкции и потрагата на европските земји по други правци на снабдување што повторно ги крена на рекордни нивоа цените на гасот на континентот.

Русија инсистираше дека турбините мора да се вратат според договорите, пред да може да го зголеми протокот по неколкуте седмици значително намалување. „Газпром“ од јуни ги намали испораките за 60 отсто, обвинувајќи го за тоа невраќањето на турбините, а Берлин тоа го нарече без аргументи „политичка“ одлука.

Берлин смета дека од технички причини би било тешко „Газпром“ целосно да ги запре испораките преку Северен тек 1. Како што рече вицеканцеларот Хабек, „тоа не е како славина“ за вода којашто може едноставно да се отвори или затвори.

Овие намалувања посредно влијаеја на снабдувањето со гас во многу земји членки на Европската унија, особено Полска и Бугарија коишто одбија како повеќето западни членки рускиот гас да го плаќаат според новата шема со конвертирања во рубљи. Складиште за гас во Европа се полупразни, а владите настојуваат да ги пополнат пред настапувањето на есента и зимата.

Интернет страницата на „Nord Stream“ (Северен тек 1), покажува дека гасот кој пристигнува во германскиот град Лобмин и натаму се испорачува во Белгија, Данска, Франција, Холандија и Велика Британија.

Северен тек 1 е најдолгиот подморски гасовод на светот, кои минува под Балтичкото Море од Русија до Германија и е во функција цела деценија. Германија во моментов увезува 35 отсто од потребниот гас од Русија, во споредба со 55 отсто пред почетокот на војната во Украина. Не познато е од каде се набавува остатокот, но Берлин е во потрага по добавувачи од Африка и Блискиот исток, но засега тоа се сведува на прелиминарни договори кои можат да бидат реализирани најбрзо од следната година.