Европратеникот Кристијан Сагарц на денешната средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја реафирмираше поддршката на нашите европски интеграции од страна на Европската народна партија (EPP), но и воопшто во рамки на Европскиот парламент.
Подвлече дека оваа институција ќе продолжи да биде вокален поддржувач на Mакедонија и на нужноста од брзо почнување пристапни преговори и дека неговиот моментален капацитет ќе биде ставен во функција на придвижување на оваа цел.
Како што соопштува минситерството за надворешни работи, на средбата биле разменети мислења и видувања за политиките на проширување на ЕУ, македонското портфолио и за улогата на Европскиот парламент и заедничките напори за суштински пробив во процесите на интеграција.
Министерот Османи ја подвлекол извонредно важната улога на Европскиот парламент во промоцијата на европската интеграција како важна политика на ЕУ и како институција која во континуитет ги поддржува политичките аспирации, напорите и очекувањата на Република Северна Македонија (и земјите од нашиот регион) за видлива и опиплива европска перспектива.
„Европскиот парламент е докажан пријател на нашата земја. Поддршката која ја добиваме од разните политички групи е конзистентна, континуирана, но и аргументирана. Реформскиот напредок во последните години е плод на политичка волја, партнерска поддршка, но и верба во европските вредности од страна на нашите граѓани. Ваквиот наратив мора да се негува и да понуди нова енергија за општествена трансформација и реализација на нашата европска агенда . Поддршката од Европскиот парламент и од најбројната политичка група во оваа смисла е значаен катализатор“, истакнал министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Европратеникот Сагарц кој е во иницијална посета на Македонија откако ја презеде должноста известител во сенка на Европската народна партија.