Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, во име на Претседателството со Советот на Европската Унија, и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, денеска ќе ги посетат Бугарија и Северна Македонија за да разговараат со властите на двете земји на теми поврзани со процесот на проширување на ЕУ.
Претпладнево во Софија, тие ќе се сретнат со претседателот Румен Радев, како и со премиерот и со министерот за надворешни работи во новата влада, а попладне во Скопје со претседателот Стево Пендаровски, како и со премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на владата и со министерот за надворешни работи, најави Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Премиерот Зоран Заев завчера од Брисел најави дека се подготвува ваква посета во пресрет на одлучувачкиот Совет за општи работи на ЕУ на 22 јуни кога ќе се одлучува за усвојување на преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија, со што би започнале и формално преговорите за членство во ЕУ година и половина откако беа одобрени.