Европската комисија го истражува „Meta“ во врска со заштитата на децата на платформи

Европската комисија во четвртокот објави дека започнала истрага против „Meta Platforms“ поради загриженоста за заштита на децата на нејзините платформи Facebook и Instagram.

Овие две платформи „може да ја искористат слабоста и неискуството на малолетниците и да предизвикаат зависност“, се вели во соопштението на Комисијата. Еден од нагласените проблеми е ефектот „зајачка дупка“, кој „ве вовлекува во сѐ повознемирувачка содржина“, изјави претставник на Комисијата. Покрај тоа, европската извршна власт е загрижена и за пристапот на малолетниците до несоодветна содржина, како и за заканата за нивната приватност.

Двете истраги за Facebook и Instagram се спроведуваат според Законот за дигитални услуги на ЕУ (DSA), опсежна регулатива за онлајн содржините што бара големите платформи да ги проценат и ублажат различните ризици кои произлегуваат од користењето на нивните услуги, особено за децата.

„Не сме убедени дека Meta направи доволно за да ги исполни своите обврски според DSA за да ги ублажи ризиците од негативни ефекти врз физичкото и менталното здравје на младите Европејци на своите платформи на Facebook и Instagram“, рече европскиот комесар за индустрија Тиери Бретон.

Бретон објасни дека „ефектот зајачка дупка“ се создава кога алгоритмите на платформата „ги хранат корисниците со содржина од одреден тип – на пример што доведува до депресија или нереални слики на телото – што може да предизвика проблеми со менталното здравје кај децата“. Meta, исто така, може да не користи алатки за проверка на возраста кои се „разумни, пропорционални и ефективни“ за да ги спречи малолетниците да пристапат до содржина што е несоодветна за деца, се вели во соопштението на Комисијата.

Комисијата, исто така, ќе испита дали компанијата ги исполнува „обврските на DSA за спроведување соодветни и пропорционални мерки за да обезбеди високо ниво на приватност, безбедност и заштита на малолетниците“.

Европската комисија ќе посвети особено внимание на стандардните поставки за приватност што ги имаат Facebook и Instagram за малолетници, како и на „дизајнот и функционирањето на системи за препораки“ кои препорачуваат одредени содржини на корисниците. Доколку се открие дека Meta ги прекршила правилата за ублажување на ризикот на DSA, може да се соочи со казни до шест отсто од нејзиниот глобален годишен приход.

Американската технолошка компанија веќе е под истрага за начинот на кој се справува со политичкото рекламирање во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 6-ти до 9-ти јуни. Комисијата, исто така, ја истражува кинеската апликација за размена на видео-содржини TikTok за слични прашања за заштита на децата.

Правилата за ублажување на ризикот на DSA важат за „многу големи онлајн платформи“, оние со повеќе од 45 милиони месечни активни корисници во ЕУ. Други одредби од DSA, како што е обврската да има механизми кои им овозможуваат на корисниците да означуваат нелегална содржина, се применуваат и на помалите платформи. Сепак, највисоките казни се применуваат само на многу големи платформи.

Следењето на усогласеноста на помалите платформи со DSA е одговорност на 27 земји-членки на ЕУ, додека Европската комисија е спроведувач на DSA за големи платформи. Многу големи интернет платформи (VLOP) мора да плаќаат годишен „надзор“ за покривање на трошоците на Комисијата, ограничени на 0,05 проценти од глобалниот годишен приход на секој VLOP.