Европските крајни десничари му честитаа на својот холандски колега Герт Вилдерс за победата на парламентарните избори во Холандија во средата, пренесуваат во четвртокот светските агенции.
На Вилдерс, меѓу другото, му честитаа француската политичкара Марин Лепен, унгарскиот премиер Виктор Орбан, шпанската партија Глас (Vox) и германската Алтернатива за Германија (AfD).
Надминувајќи ги сите предвидувања, Партијата на слободата на Вилдерс (PVV) освои 35 места во 150-члениот парламент, девет повеќе од нејзиниот најблизок ривал, коалицијата на Лабуристите и Зелената левица на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, покажуваат излезните анкети. Предноста на PVV е далеку поголема од очекуваното.
Во четвртокот, лидерката на француската партија Национален собир, Марин Лепен, им честиташе на Вилдерс и на PVV за нивната „спектакуларна“ победа. „Честитки до Герт Вилдерс и Партијата на слободата (PVV) за спектакуларниот настап на парламентарните избори, што ја потврдува зголемената поддршка за одбрана на националните идентитети“, напиша таа на социјалната мрежа Х.
Честитајќи му на Вилдерс, исто така со објава на X, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги поздрави „ветровите на промените“ во Холандија. Орбан во телефонски разговор му рекол на Вилдерс дека е важно тој прв да му честита. Тој претходно напиша на X: „Ветровите на промените се тука! Честитки до @geertwilderspvv за победата на изборите во Холандија!“
Лидерот на италијанската десничарска партија Лига, Матео Салвини му изрази поддршка на Вилдерс, објави италијанската агенција Ansa.
„Секаде во Европа, граѓаните сакаат политички промени“, напиша германската екстремна десница AfD на X.
Слична проценка даде и Сантијаго Абаскал, претседател на крајнодесничарската шпанска партија Vox. Како што напиша на мрежата Х, „сѐ повеќе Европејци се на улиците и пред гласачките кутии барајќи одбрана на своите народи, граници и права“.
Во првата реакција по објавувањето на резултатите од парламентарните избори, Вилдерс нагласи дека Холандија „повторно ќе стане холандска“ и вети дека неговата партија ќе обезбеди намалување на бројот на баратели на азил. Ги покани и другите партии на соработка, иако пред изборите многумина од нив истакнаа дека нема да му се придружат во владејачката коалиција.