Европската политичка заедница ќе се решава за проблемот со струјата и со гасот за Западен Балкан

Во Прага денеска за првпат ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на неа ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот во широка смисла, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од Обединетото Кралство до Азербејџан, Ерменија и земјите од Западниот Балкан, во Прага утре се состануваат 44 делегации да дискутираат за крупните предизвици со кои се соочува континентот. На состанокот учествуваат и шесте земји од Западен Балкан, каде што најгорлива тема се поскапувањата и енергетиката.

Северна Македонија, Србија и Албанија веќе на ЕУ и ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза минатата недела во Софија.

Висок дипломатски извор за МИА вчера изјави дека планот е да им се помогне на земјите од регионот да се придружи кон енергетската платформа на ЕУ.

-Барањето за учество во енергетската платформа на ЕУ за трети земји пристигна уште во март, тоа е намерата, малку се забави, но повикот од страна на Европскиот совет е јасен, тоа го истакна и претседателот Вучиќ, и треба да се обнови – изјави дипломат од ЕУ за МИА.

Енергетската платформа на ЕУ, која стартуваше во првата половина од оваа година, има за цел да им помогне на земјите членки во диверзификацијата на изворите на енергија и да се координираат за набавка на енергенси преку доброволно заедничко купување на гас и хидроген. Ова е една од алатките кои треба да помогнат да се намали зависноста од рускиот гас.

Ова не се однесува на горливото прашање со струјата за кое Северна Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската комисија, по моделот на помошта за време на набавката на вакцини против ковид-19. Претседателот Пендаровски спомена „компензациски фондови” за да се обештети државата ако мора да купува електрична енергија по берзанска цена.

На ова прашање од Европската комисија за МИА одговорија дека „ЕУ има јасен интерес да ги вклучи” земјите од Западен Балкан во мерките за ублажување на последиците од кризата.

Освен вклучувањето во енергетската платформа, Европската комисија вели дека има намера да „обрне посебно внимание” кон областите кои се најзасегнати од кризата предизвикана од војната врз Украина.

-Комисијата изрази намера да обрне посебно внимание кон последиците од војната врз посебно засегнатите сектори во планирањето на ИПА 3 и друга финансиска асистенција преку имплементацијата на Економскиот инвестициски план за Западниот Балкан, вклучително преку натамошна поддршка за енергетската транзиција и диверзификацијата на набавките на енергија во регионот – стои во одговорот на портпаролот за енергија, Тим Мекфи до МИА.

Портпаролот додаде дека преку Економскиот и инвестициски план, преку кој може да се мобилизираат до 30 милијарди евра инвестиции во наредните години за целиот регион, може да се помогне за зајакнување на поддршката во областа на енергетиката. За ова Комисијата ќе инсистира и на повеќе критериуми важни за ЕУ.

-Силно ќе се нагласи интеграцијата на енергетскиот пазар, декарбонизацијата, и чистата енергија, праведната транзиција, зголемена дигитализација на системот, енергетска ефикасност, вклучително и модернизацијата на парното греење, како и енергетската безбедност – рече за МИА Мекфи, во одговорот за тоа како Европската комисија ќе одговори на барањата на Северна Македонија и регионот во справувањето со енергетската криза.

Енергијата ќе биде една од главните теми и за самите земји-членки на ЕУ на неформалниот ЕУ самит што се одржува утре во Прага по состанокот на Европската политичка заедница. Како што посочуваат дипломатите во Брисел енергијата и економијата ќе бидат „многу важни теми” на ЕУ самитот. Се бараат начини да се гарантира набавката на енергенси, да се зајакне солидарноста меѓу земјите и да се намали потрошувачката. ЕУ уште разговара и за ограничување на цената на гасот, но ќе се отворат темите и за државна помош, конкурентност фискална политика, итн. во време кога Европа се соочува со највисоки цени на енергенси во споредба со сите други региони во светот.

На лидерската средба на Европската политичка заедница денеска во Прага ќе се разговара и за Украина, а збор ќе земе, преку видео врска, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Освен Зеленски на пленарната седница ќе имаат обраќање лидерите на само уште три земји: Норвешка, Обединетото Кралство и Албанија.

Во Брисел инсистираат дека Европската политичка заедница не преставува „сателит на ЕУ”, и не е проект кој треба да се доживее како спонзориран од ЕУ, туку е можност да се сретнат сите лидери од континентот, без разлика дали се членки на ЕУ, за да разменат мислења за големите прашања и предизвици.

Целта е ова да биде платформа за дијалог за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа, а секоја земја има свои приоритети. За ЕУ ова е и важна порака до рускиот претседател за обединетоста на европскиот континент додека трае воената агресија врз Украина.

Околу загриженоста дека политичка заедница би можела да стане замена за проширувањето на ЕУ, дипломатите уверуваат дека тоа не е случај.

-Забележавме на самитите ЕУ-Западен Балкан дека сме фокусирани на процесот на проширување, и тоа зазема најголем дел од вниманието, а тука сакаме да навлеземе повеќе во политичка дискусија со оние кои ја напуштиле ЕУ, сакаат да и се придружат или се мислат, изјави висок дипломат во ЕУ за МИА, кој уште еднаш повтори дека заедницата не е алтернатива за полноправно членство во ЕУ и дека тој процес продолжува непроменето.

Со оглед на тоа дека оваа платформа не е „сателит на ЕУ”, не се очекува посебно инсистирање до Србија да воведе санкции против Русија, но нема ниту да изостане прашањето, велат во Брисел.

-Ова не е процес во кој ЕУ е во центарот, ова е состанок на земјите членки и партнерите каде се очекува да се разменат пораки, за некои земји санкциите на Србија врз Русија се клучни, за други се помалку важно, очекуваме да биде испратена силна порака за усогласувањето и надворешната политика, очекуваме и Србија да објасни зошто се однесува така – објаснува дипломатот.

Идејата за Европска политичка заедница прв ја формулираше францускиот претседател, Емануел Макрон, пред неколку месеци. Ова ќе биде првиот состанок на оваа платформа. Целта е овие состаноци со 44 земји да се одржуваат редовно, идеално два пати годишно.