Репрезентацијата на Словенија важеше за еден од фаворитите за златото на Европското првенство, но наместо одбрана на титулата тие паднаа во четвртфиналната рунда од Полска (90-87) која пак да не заборавиме во наредната фаза беше декласирана од Франција со 41 разлика (95-54).
Тој пораз беше огрмно изненадување, сензација, шок за кошаркаската јавност со оглед на квалитетот што го поседуваат Словенците кои пак според последните информации доста го потцениле противникот и тоа им се удри од глава.
Имено специјализираниот кошаркарски портал „Бхбаскет“ пренесува или поточно открива дека Дончиќ, Драгиќ и компанија лудо се забавувале токму пред пресметката со Полјаците. Информациите на овој медиум велат дека Словенците се пијанчеле до пет часот наутро во Берлин.
-Словенците вешто го криеја пијанството, го турнаа под тепих, но барем сега луѓето знаат за што се работи, -се вели во дел од текстот на „Бxбаскет.ба“.
Инаку избраниците на Секулиќ имаа неверојатно слабо прво полувреме против Полска и на пауза заминаа со минус 19 (58-39). По одморот се разбудија, дури и го свртија резултатот во своја полза, поведоа со пет разлика во последниот период, ама на крајот сепак загубија.