Европскиот парламент нема да ги набљудува претседателските избори во Азербејџан, закажани за 7 февруари, ниту ќе се произнесе за резултатите, се наведува во заедничката изјава на Комитетите на ЕП за надворешни работи и развој.
-Ниту еден европратеник не е овластен да ги набљудува или коментира изборите во име на ЕП и ако некој од европратениците одлучи да ги оцени, ќе зборува и ќе дејствува во свое име, се додава во изјавата.
Во октомври минатата година ЕП изгласа резолуција со која се осудува Азербејџан за насилното заземање на Нагорно Карабах и повика на санкции и преразгледување на односите со Баку. Според ЕП, акцијата на Азербејџан во Нагорно Карабах е етничко чистење што довело до раселување на повеќе од 100.000 етнички Ерменци. Од таму наведуваат дека ги прекинуваат сите преговори за обновено партнерство со Баку и размислуваат за прекинување на договорот за олеснет визен режим со Азербејџан, како и за намалување на зависноста на ЕУ од увозот на гас од Азербејџан.