Европскиот совет повикува на „брзо усвојување“ на преговарачките рамки за Украина и Молдавија

Челниците на земјите-членки на Европската унија во четвртокот се заложија преговарачките рамки за Украина и Молдавија, клучни документи за почеток на преговорите, да бидат усвоени „многу брзо“.

„Европскиот совет го поздравува напредокот на Украина и Молдавија во спроведувањето на неопходните реформи на патот кон ЕУ. По поднесувањето на нацрт-преговарачката рамка за Украина и Молдавија, Европскиот совет го повикува Советот брзо да ги усвои и да продолжи со работа без одлагање“, се вели во заклучоците за проширувањето усвоени од лидерите на ЕУ на првиот ден од нивниот самит.

Тие, исто така, ги „забележаа“ напорите на Грузија да ги исполни критериумите и испратија охрабрување да работи на приоритетните реформи.

Балтичките земји инсистираа на „малку посилна“ формулација за Украина и Молдавија, некаква гаранција дека преговорите со Украина и Молдавија ќе започнат во јуни. На крајот се договорија да не се споменува датумот, туку да се повика Советот „брзо“ да ја усвои преговарачката рамка, без која преговорите не можат да се отворат.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека „искрено се надева дека ќе биде можно да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапување со Украина до крајот на белгиското претседателство, што ќе трае до крајот на јуни“.

Во декември минатата година, Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите со Украина и Молдавија, во заднината на руската инвазија во Украина и од 1990-те години отцепениот молдавски регион Придњетровје со мнозиунсто руско и рускојазично население кое за разлика од другиот дел од земјата тежнее кон близина со Москва.