Европскиот врв ја повика Македонија да каже „да“ за предлогот на Макрон

Високи дипломатски извори за новинарите таму оценуваат дека сега на маса е ставен „финален компромис кој, како што велат, одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Македонија”, а доколку двете страни го прифатат Советот на ЕУ веднаш ќе може да ја усвои преговарачката рамка и за Македонија и за Албанија, па да се свикаат првите меѓувладини конференции.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во објава на Твитер порача дека францускиот предлог за надминување на бугарската блокада на Македонија во ЕУ ги адресира грижите на Скопје и на Софија.

-Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да, додава Мишел во твитот.

Веднаш по Мишел се огласи и официјален Берлин. Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок го поздрави решението и го повика Скопје да каже „ да“ за францускиот предлог, откако Софија го прифати.

Смета дека „ Македонија не смее да ја пропушти можноста“ која ја нуди францускиот предлог.

Одлуката на Скопје со внимание се очекува и во Тирана, со оглед дека преговорите и на Албанија се поврзани со Македонија. Албанскиот премиер Рама оцени дека последниот француски предлог, кој воедно е и конечен, и дава можност на Македонија за безусловен пристап и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Европската Унија! На крајот на постот Рама повикува: Им велам на браќата Македонци и Албанци во Македонија: Прифатете го!