Европските берзански индекси благо пораснаа

На европските берзи во средата претпладне берзанските индекси благо пораснаа, по вчерашниот пад, а тргувањето се одвива претпазливо бидејќи инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,02 отсто, на 8.275 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,12 отсто, на 18.380 поени, а париски CAC за 0,17 отсто, на 7.498 поени.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек како и во Европа, беше намален за 0,4 отсто, лизгајќи се од највисокото ниво за еден месец.Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,3 и 0,8 отсто. Во Австралија и Јужна Кореја благо се зголемија.

Така, повеќето азиски берзи го следат вчерашниот пад на Волстрит, кога Dow Jones се лизна за 0,15 отсто, S&P 500 за 0,2 отсто, а индексот Nasdaq за 0,3 отсто. По осум дена раст, S&P 500 и Nasdaq индексот вчера благо паднаа бидејќи немаше нови вести за поддршка на растот на цените на акциите.

Пазарот долго време е поддржан од верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември, со оглед на тоа што инфлацијата во САД се намалува. Се очекува дека Fed ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои се обложуваат дека намалувањето ќе биде значително поголемо – за 0,50 процентни поени.