Европските берзански индекси стагнираат

На европските берзи во понеделник претпладнето се тргува претпазливо додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите, па берзанските индекси стагнираат, по силниот раст минатата седмица.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,1 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, откако минатата седмица порасна за повеќе од 1 отсто. Лондонскиот FTSE индекс претпладнево ослабе за 0,13 отсто, на 8.300 поени, а франкфуртски DAX за 0,07 отсто, на 18.309 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,09 отсто, на 7.455 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа порасна за 0,4 отсто, откако минатата седмица скокна за речиси 3 отсто. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei падна за 1,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја се лизнаа за 0,8 отсто. Во Австралија, Шангај и Хонгконг тие се зголемија меѓу 0,1 и 1 процент.

Цените на акциите силно пораснаа минатата седмица, бидејќи податоците за ублажување на инфлацијата во САД го зајакнаа верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември. Се верува дека и многу други централни банки во светот ќе почнат да ја олабавуваат монетарната политика, бидејќи инфлацијата забавува.

Така, оваа сецмиа се очекува намалување на каматната стапка на шведската централна банка, можеби за 0,50 процентни поени, а состанок ќе одржат и челниците на јужнокорејската централна банка.

Во фокусот на инвеститорите ќе бидат записниците од последната седница на американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed), а во петок говорот на претседателот на Fed, Џером Пауел на традиционалниот годишен состанок на централните банкари во Џексон Хол.

„Иако е премногу рано да се прогласи победа над инфлацијата, стравувањата од пораст на цените, кои доминираа од пандемијата, речиси целосно исчезнаа. Иако инфлацијата сè уште не е на целните нивоа од 2 проценти, таа е блиску и се движи во вистинската насока“, вели Кристијан Келер, економист во банката „Barclays“.