На европските берзи во понеделникот во утринското тргување цените на акциите паднаа по минатонеделниот раст, бидејќи вложувачите ги загрижува енергетската криза на континентот и појавата на нова подваријанта на коронавирусот во Кина.
Индексот STOXX 600 на водечките европски берзи во 9,30 часот беше во минус од 1,1 отсто.
Притоа лондонскиот FTSE индекс ослаби за 0,88 отсто на 7.132 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 1,29 отсто на 12.847 поени, а парискиот CAC индексот падна за 1,43 отсто, на 5.946 поени.
Притоа паднаа цените на акциите во речиси сите сектори, а најмногу во рударскиот, во просек за 3,5 отсто.
Најголемиот добавувач на природен гас во Европа, руски „Газпром“ во понеделникот го почнува рутинското годишно десетдневно одржување на гасоводот Северен тек 1, а Германија и другите земји со загриженост исчекуваат дали енергенсот повторни ќе протече.
И на азиските берзи цените на акциите продолжија со падот во претпладневното тргување, па индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи во 9,30 часот по македонско време веќе беше во минус од 1,5 отсто.
Притоа на Токиската берза индексот Nikkei бележи раст од 1,1 отсто наспроти утринските 1,3 отсто. Додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонгконг веќе паднаа за меѓу 0,4 и 3 отсто, наспроти падот од меѓу 0,1 и 0,3 отсто во 7 часот утрото.
Остриот пад на кинеските пазари е последица од вестите дека во Шангај е идентификувана нова подваријанта на омикрон сојот на коронавирусот. Поради тоа вложувачите стравуваат дека локалните власти повторно ќе воведат строги рестриктивни мерки во овој деловен и финансиски центар на Кина и Азија, што би го забавило растот на втората според обемот светска економија.
Притисокот врз азиско-пацифичките пазари е последица и од падот на цените на акциите на технолошките гиганти, во прв ред на „Alibaba“ и на „Tencent“.