На европските берзи во понеделник во препладневното тргување цените на акциите пораснаа но благо, бидејќи инвеститорите се внимателни додека ги чекаат новите квартални деловни извештаи од компаниите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции се зголеми за 0,4 отсто во првиот дневен пресек, враќајќи дел од загубите од минатата недела. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,19 отсто, на 8.265 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,28 отсто, на 19.517 поени, а париски CAC за 0,79 отсто, на 7.556 поени.
Инвеститорите се фокусирани на кварталните деловни резултати на компаниите. Рано претпладнево, меѓу другите, ги објави резултатите холандскиот производител на медицинска опрема „Philips“, кој ги намали проценките за продажба поради слабата побарувачка во Кина. Цената на акциите на оваа компанија падна за повеќе од 15 отсто.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек како и во Европа порасна за околу 0,3 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei скокна за 1,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 1,1 отсто.
Во почетокот на тргувањето, индексот Nikkei драстично падна, бидејќи јапонската владејачка коалиција го загуби парламентарното мнозинство на националните избори во неделата, што ја зголеми неизвесноста околу составот на следната влада и изгледите за четвртата по големина економија во светот.
Сепак, Nikkei подоцна значително порасна бидејќи јенот нагло падна по изборните резултати. Имено, тоа позитивно се одразува на цените на акциите на големите јапонски извозници, бидејќи поради слабоста на јенот нивните производи стануваат поконкурентни на светските пазари.
На кинеските берзи, пак, тргувањето се одвива претпазливо бидејќи стивна еуфоријата поради новите монетарни и фискални стимулации, со оглед на тоа што и најновите податоци укажуваат на слабост на втората по големина светска економија.
Утрово беше објавено дека добивката на кинескиот индустриски сектор во септември паднала за 27 отсто во однос на истиот месец лани, што укажува на слабост и на домашната и на странската побарувачка.