![berzi indeksi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/berzi-indeksi.png?resize=670%2C447&ssl=1)
На европските берзи во четврток претпладнето, на првиот работен ден од новата година, берзанските индекси благо пораснаа, а тргувањето беше мирно бидејќи немаше поголеми вести ниту од компаниите, ниту економијата.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,3 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, откако минатата година порасна за околу 6 отсто. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,30 отсто, на 8.197 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,47 отсто, на 20.005 поени, а париски CAC за 0,09 отсто, на 7.387 поени.
Во повеќето сектори цените на акциите пораснаа, а највисоко во нафтениот и рударскиот сектор – за 1,5 и 1,3 отсто, соодветно.
Два сектора, пак, ослабеа. Во банкарскиот сектор цените на акциите се лизнаа во просек за 0,1 отсто, а во медиумскиот сектор за 0,3 отсто.
Тргувањето се одвива мирно бидејќи денеска не очекуваат значајни вести од стопанството или од компаниите.
А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,6 отсто во истиот момент од тргувањето како и во Европа, откако минатата година порасна за повеќе од 7 отсто.
Во Австралија претпладнево цените на акциите пораснаа за околу 0,5 отсто, додека во Јужна Кореја паднаа за 0,1 отсто. Од друга страна, пак, во Шангај и Хонгконг потонаа за повеќе од 2 отсто. Оваа седмица во Јапонија не се работи поради празниците.
Остриот пад на кинеските берзи беше резултат на послабите од очекуваните податоци за PMI индексот на индустриската активност, што укажува на забавување на растот во втората по големина светска економија, и покрај низата монетарни и фискални мерки за стимулирање.
На почетокот на новата година на пазарите владее загриженост поради неодамнешната порака на американската централна банка дека планира да го забави темпото на намалување на каматните стапки, но и поради фактот што Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата како Американскиот претседател на 20 јануари, кој се заканува дека ќе ги зголеми царините за увоз.
Ова веќе ги загрижи инвеститорите ширум светот во декември. И додека во цела минатата година MSCI индексот на светските берзи порасна за 16 отсто, во декември падна за 2 отсто. Во декември падна и индексот MSCI на азиските берзи, за 1,2 отсто, а во последните денови од минатата година под притисок беа и берзанските индекси на њујоршки Волстрит.
„Многу е невообичаено што декември не беше позитивен за акциите. Тоа е загрижувачко бидејќи ако пазарите не се зголемуваат кога треба, тоа значи дека има повеќе за грижа“, вели Тони Сајкамор, аналитичар во компанијата IG.
Денешниот пад на кинеските берзи, вели тој, не е само последица на новите слаби економски показатели, туку и ризикот од растечките трговски тензии меѓу САД и Кина, кога Трамп ќе ја преземе функцијата од Џо Бајден.
Од предизборната кампања Трамп се заканува дека ќе ги зголеми царините за увоз на кинески производи.
„Со цел да се избегне дополнително забавување на економскиот раст, со оглед на домашните и странските пречки, кинеските власти ќе мора да воведат нови стимулативни мерки“, вели Јингруи Ванг, економист во „AXA Investment Managers“.