Европските берзи благо пораснаа по двата дена пад, азиските во минус четврти ден со ред

Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во четвртокот во претпладневното тргување по дводневниот пад, а тргувањето се одвива претпазливо бидејќи нема вести кои битно би можеле да влијаат врз насоката на пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во препладневниот пресек од трговскиот ден порасна за 0,1 отсто, по два дена пад. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,08 отсто, на 8.025 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,56 отсто, на 19.120 поени, а париски CAC за 0,28 отсто, на 7.236 поени.

А на азиските берзи цените на акциите паднаа. Азискиот индекс MSCI во истиот момент од тргувањето како и во Европа беше во минус од 0,5 отсто, слабеејќи четврти ден по ред. Истовемено, индексот Nikkei е лизна за 0,5 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 1,7 и 1,9 отсто. Во Јужна Кореја и Австралија, пак, пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто.

Кинеските берзи сѐ уште се под притисок поради стравувањата од протекционистичката политика на новостариот американски претседател Доналд Трамп. Во текот на кампањата Трамп најави зголемување на царините за увоз на кинески производи, а инвеститорите веруваат дека Кина ќе одговори со слични мерки.

Покрај тоа, зголемувањето на царините може да го забави растот на светската економија, но и да ја стимулира инфлацијата, што би ги поттикнало централните банки да го запрат процесот на намалување на каматните стапки.

Кинеските инвеститори не се склони кон поризични инвестиции и затоа што новите мерки, според нивната проценка, не се доволни да ја потиснат долгорочната криза на пазарот на недвижности.

Поддршка за пазарите не дојде ниту од Волстрит, каде вчера берзанските индекси останаа речиси непроменети. Вчера инвеститорите беа фокусирани на податоците за инфлацијата во САД во октомври. Потрошувачките цени се зајакнати за 0,2 отсто на месечно ниво, а на годишно ниво се зголемени за 2,6 отсто.

Бидејќи овие податоци се во согласност со очекувањата на аналитичарите, тие не влијаеја значително на очекувањата во однос на каматните стапки на американската централна банка.
Пазарот проценува дека Fed и на состанокот во декември ќе ги намали каматните стапки, по трет пат оваа година, за 0,25 процентни поени.