Европските берзи благо пораснаа, се тргува внимателно и во Азија

Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во средата претпладнето, но тргувањето е претпазливо бидејќи нема нови значајни вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневнито пресек порасна за 0,2 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,16 отсто, на 7.495 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,20 отсто, на 15.930 поени, а париски CAC зајакна за 0,36 отсто, на 7.255 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,3 отсто во истиот претпалдневен пресек на состојбата на пазарите. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,3 отсто, а благо пораснаа и цените на акциите во Јужна Кореја. Во Австралија, Хонгконг и Шангај, пак, паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

По силниот раст на цените на акциите минатата седмица, на азиските берзи во последните денови се тргува внимателно.

Слична е ситуацијата и на Волстрит, каде вчера Dow Jones загуби 0,18 отсто, S&P 500 загуби 0,20 отсто, а Nasdaq индексот загуби 0,59 отсто.

Во фокусот на инвеститорите вчера беше записникот од последниот состанок на американската централна банка, кој покажа дека челниците на Fed сметаат дека треба да бидат претпазливи за натамошно зголемување на каматните стапки. Велат дека би ги зголемиле каматите само доколку не продолжи трендот на слабеење на инфлацијата. Сепак, тоа не ги поттикна берзанските индекси бидејќи на пазарот веќе е вградена тезата дека Fed го заврши циклусот на зголемувања на каматните стапки.

По падот три месеци по ред, берзанските индекси силно пораснаа во ноември, достигнувајќи ги највисоките нивоа од крајот на јули. Тоа најмногу се должи на стабилниот тренд на слабеење на инфлацијата, што ја поддржува тезата дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен.

Сега најмногу се шпекулира кога Fed би можел да започне со намалување на каматните стапки. Пазарот на пари проценува дека првото намалување на каматните стапки на Fed би можело да дојде веќе во март, а дека во целата наредна година каматните стапки би можеле да се намалат за цел процентен поен.