Европските берзи благо пораснаа, се тргува внимателно и во Азија

Европските берзи благо пораснаа во четвртокот претпладнето, во претпазливото тргување додека инвеститорите ја чекаат првата проценка на деловната активност во еврозоната во ноември.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,18 отсто, на 7.480 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,07 отсто, на 15.969 поени, а париски CAC 0,13 отсто, на 7.270 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,1 отсто во истиот дневен пресек на тргуањето како и во Европа. Истовремено, цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 отсто, додека во Австралија паднаа за 0,6 отсто. Во Јапонија денеска берзата не работи поради празник.

Азиските инвеститори се претпазливи со денови бидејќи нема нови значајни вести кои би можеле да ги стимулираат пазарите, а поттикнати се и од вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит. Таму индексот Dow Jones зајакна за 0,5 отсто, S&P 500 за околу 0,4, а индексот Nasdaq за речиси 0,5 отсто.

Растот на индексот е благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки, бидејќи сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД слабее и дека економскиот раст забавува.

Ова го потврдија вчерашните извештаи за производството, расположението на потрошувачите и невработеноста. Според сите пресметки, и покрај наглото зголемување на каматните стапки на Fed во изминатата година и половина, најголемата светска економија ќе избегне рецесија.

„Општата слика на пазарот е солидна. И покрај загриженоста за економијата и претстојните празнични трошоци, пазарот изгледа отпорен пред периодот во кој цените на акциите имаат тенденција да растат“, рече Квинси Крозби, стратег во „LPL Financial“.

Обемот на тргување на Волстрит вчера беше значително помал во однос на претходните денови бидејќи доаѓа Денот на благодарноста. Поради овој празник во четврток во САД не се работи, а во петок Волстрит ќе работи скратено.