Европските берзи ги надоместуваат вчерашните загуби

На европските берзи во вторникот во претпладневното тргување индексите пораснаа, надоместувајќи ги вчерашните загуби, со најголем раст на цените на акциите во трговскиот и банкарскиот сектор.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,5 отсто, по вчерашниот благ пад. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,73 отсто, на 8.340 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,37 отсто, на 18.700 поени, а париски CAC за 0,46 отсто, на 7.480 поени.

Најмногу поскапеа цените на акциите во комерцијалниот сектор, во просек 1,4 отсто, а по него е банкарскиот сектор со раст од 0,85 отсто.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот момент од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,3 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei падна за повеќе од 1 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг пораснаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Шангај и Јужна Кореја денеска не се работи поради прзници.

Падот на индексот Nikkei е главно последица на зајакнувањето на јенот во однос на доларот, бидејќи како резултат на тоа производите на јапонските извозници поскапуваат на странските пазари.

Останатите берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит каде индексот Dow Jones зајакна 0,55, а S&P 500 за 0,13 отсто. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,52 отсто. Nasdaq падна поради притисокот врз технолошкиот сектор, додека цените на акциите во речиси сите други сектори пораснаа.

Сепак, тргувањето беше претпазливо пред состанокот на челниците на американската централна банка. Сосема е сигурно дека Fed ќе ги намали каматните стапки во среда, за прв пат по повеќегодишна рестриктивна монетарна политика.

Но, големо прашање е дали ќе ги намалат за 0,25 или 0,50 процентни поени. До неодамна, пазарот очекуваше намалување од 0,25 процентни поени, имајќи предвид дека американската инфлација не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите. Сепак, во последните денови се појавија информации дека некои од челниците на Fed се за поостро намалување од 0,50 процентни поени и дека исходот од седницата е неизвесен.