
Цените на акциите паднаа на европските берзи во вторникот во претпладневното тргување, како и на азиските пазари, најмногу во рударскиот сектор, бидејќи инвеститорите не беа импресионирани од пораките на кинеската влада за економските цели.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,2 отсто во првиот дневен пресек. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,43 отсто, на 7.605 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,24 отсто, на 17.675 поени, а париски CAC 0,13 отсто, на 7.945 поени.
Најмногу претпладнево паднаа цените на акциите во рударскиот сектор, во просек за 1,1 отсто, што е последица од падот на цените на суровините, бидејќи во моментов нема нови стимулации во кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на суровини.
И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од трговскиот ден како и во Европа, беше во минус од 0,7 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 2,6 отсто. Во Шангај, пак, пораснаа за 0,3 отсто.
Инвеститорите се фокусирани на клучните годишни состаноци на кинеската влада, а првите пораки укажуваат дека оваа година цел ќе биде растот на бруто домашниот производ (БДП) од околу 5 отсто, а инфлацијата би можела да порасне близу 3 отсто.
Најавено е и дека ќе има нови стимулативни мерки за стабилизирање на пазарот на недвижности, но и на пазарот на капитал. Сепак, тоа не ги импресионираше инвеститорите бидејќи претходните стимулации не ги стабилизираа пазарите.
Дополнително, „досега во пораките од владината седница се вели дека нема да има големи фискални стимулации на кои се надеваа инвеститорите. Стабилноста останува главната цел на кинеската политика, а досегашните владини пораки ја потврдуваат таа филозофија“, вели Џејмс Книвтон, трговец со валути во компанијата „Convera“.