Берзанските индекси паднаа на европските берзи во вторник во претпладневното тргување, како и ден претходно на Волстрит, при што најмногу паднаа цените на акциите во технолошкиот сектор, а пораснаа оние во енергетскиот сектор.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус за 0,3 отсто, губејќи дел од вчерашните добивки. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,12 отсто, на 8.290 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 1,06 отсто, на 18.130 поени, а париски CAC за 0,63 отсто, на 7.658 поени.
Во исто време, најмногу паднаа цените на акциите во технолошкиот сектор, во просек 1,5 отсто, а најмногу поскапеа во енергетскиот сектор, речиси 1 отсто. Така беше и вчера на Волстрит кога поради притисокот врз технолошкиот сектор падна индексот S&P 500, како и Nasdaq.
Дел од инвеститорите решија, се чини, да повлечат дел од заработката од тој сектор по силниот раст минатата седмица. Меѓу најголемите губитници вчера беше акцијата на „Nvidia“, чија цена падна за 13 отсто во последните три дена. Минатата седмица пазарната вредност на производителот на чипови надмина 3.200 милијарди долари, па „Nvidia“ накратко стана најголемата светска компанија по пазарна капитализација, престигнувајќи го „Microsoft“.
Сепак, од средината на минатата седмица оваа акција, како и целиот сектор на производители на чипови, се под притисок. И додека технолошкиот сектор вчера падна, цените на акциите во повеќето други сектори пораснаа. Меѓу најголемите добитници беше енергетскиот сектор, благодарение на поскапувањето на нафтата во последните денови.
Поради оваа причина, меѓу другото, индексот Daw Jones вчера порасна петти ден по ред и го достигна највисокото ниво за еден месец.
A на повеќето азиски берзи цените на акциите претпладнево пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,4 отсто, откако загуби 1,4 отсто во последните три дена. Претпладнево јапонскиот индекс Nikkei порасна за речиси 1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,4 и 1,3 отсто. Во Хонгконг и Шангај, пак, тие паднаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто.
Растот на повеќето индекси главно се должи на корекцијата на цените на акциите, откако во претходните денови тие значително паднаа.