На европските берзи во понеделник претпладнето повеќето од најважните индекси се во плус, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на нафтените компании, бидејќи цените на нафтата зајакнаа поради стравот од ширење на конфликтот во Блискиот исток, а растот е поддржан и од добрите деловни резултати на компаниите.
Паневропскиот индекс STOXX 600 во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,4 отсто. Во исто време, најмногу пораснаа акциите на нафтените и гасните компании, во просек за 1,3 отсто, бидејќи цените на суровата нафта скокнаа по ракетниот напад на Голанската висорамнина окупирана од Израел.
Истовремено, лондонски Ftse индекс се зголеми за 0,63 отсто, на 8.338 поени, а франкфуртски DAX за 0,34 отсто, на 18.478 поени, додека париски CAC ослабе за 0,16 отсто, на 7.505 поени.
Помеѓу поединечните акции, „Philips“ беше најголем добитник, со скок од 8,6 отсто откако холандскиот производител на медицински уреди објави квартални резултати кои ги надминаа очекувањата, поттикнати од повисоките приходи и спроведувањето на програмата за реструктуирање.
Значително пораснаа и акциите на германски „Merck“ за 3,6 отсто, откако компанијата ги зголеми прогнозите врз основа на добрите оперативни резултати во деловните единици за здравство и електроника.
Најголем губитник, пак, беа акциите на „Heineken“, при што цената падна за 6 отсто, откако холандската пиварница објави полугодишна оперативна добивка под очекувањата на аналитичарите.