Европските берзи ослабеа трет ден по ред, азиските го следат падот на Волстрит

На европските берзи во четвртокот претплането цените на акциите паднаа трет ден по ред, додека инвеститорите ги анализираат деловните извештаи на компаниите и ја чекаат првата проценка на Eurostat за инфлацијата во еврозоната.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од тргувањето во денот беше во минус од 0,5 отсто, слабеејќи трет ден по ред. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,50 отсто, на 8.119 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,69 отсто, на 19.125 поени, а париски CAC 0,54 отсто, на 7.388 поени.

Освен кварталните деловни извештаи на европските компании, во фокусот на инвеститорите денеска ќе биде и првата проценка на Eurostat за инфлацијата во еврозоната во октомври, која ќе покаже дали има простор за дополнително намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка.

А азиските берзи го следат падот на Волстрит. И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Азискиот индекс MSCI падна за 0,2 отсто, губејќи втор ден по ред. Истовремено, индексот Nikkie се лизна за 0,5 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 1,4 отсто. Во Шангај, пак, се зголемени за околу 0,4 отсто.

По трите дена раст, јапонскиот индекс Nikkei благо падна откако централната банка на Јапонија, како што се очекуваше, ги остави каматните стапки непроменети.

И кинеските инвеститори беа охрабрени од официјалниот владин извештај за неочекуван пробив на PMI индексот на индустриска активност над нивото од 50 поени за прв пат од април, што укажува на зајакнување на производната активност.

Другите берзи во регионот го следат вчерашниот пад на Волстрит, при што индексот Nasdaq се лизна од рекордните нивоа. Dow Jones загуби 0,22 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,33 отсто, а Nasdaq индексот 0,56 отсто.

Тргувањето на најголемата светска берза беше неизвесно додека инвеститорите ги анализираа деловните извештаи на компаниите. Иако повеќето компании пријавуваат подобри резултати од очекуваните, има и неуспеси, што предизвикува несигурност.

Во продолженото тргување по затворањето на Волстрит, акциите на „Meta platforms“ и „Microsoft“ паднаа за повеќе од 3 отсто откако технолошките гиганти објавија заработка. Поради ова, фјучерсите на S&P 500 и Nasdaq индексите моментално се во минус за повеќе од 0,3 отсто, што навестува пад на овие индекси на почетокот на тргувањето во четврток.