Европските акции паднаа втор ден по ред во вторникот претпладнето, главно во рударскиот и автомобилскиот сектор, бидејќи инвеститорите стравуваа дека слабоста на кинеската побарувачка ќе ја забави продажбата на суровини и автомобили.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,5 отсто во пртпладневниот дневен пресек на тргувањето , слабеејќи втор ден по ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,51 отсто, на 8.140 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,68 отсто, на 18.465 поени, а париски CAC 0,89 отсто, на 7.565 поени.
Сите сектори претпладнево се во минус, а најмногу рударството и автомобилите, речиси за 1 процент, што е последица од стравувањата на инвеститорите дека слабоста на кинеската побарувачка ќе ја забави продажбата на суровини и автомобили. Имено, податоците објавени вчера покажаа дека втората по големина светска економија расте побавно од очекуваното.
И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше намален за 0,5 отсто, откако вчера се лизна за 0,3 отсто. Истовремено, на берзата во Токио индексот Nikkei порасна за 0,2 отсто, а благо пораснаа и цените на акциите во Јужна Кореја. Во Шангај, Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 1,4 отсто.
Кинеската берза е под најголем притисок бидејќи по неуспешниот обид за атентат на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, се зголемија неговите шанси за победа на претстојните избори. А тоа може да значи и нов трговски конфликт меѓу Белата куќа и Пекинг, како што беше случајот во првиот мандат на Трамп.
„Зголемената можност Трамп да се врати во Белата куќа и да ги зголеми царините за кинеските производи не е добра за кинеските берзи. Заедно со посилниот долар и зголемените приноси на обврзниците, мислам дека на кинеските пазари им претстојат тешки времиња“, рече Тони Сајкамор, аналитичар во IG.