На европските берзи во понеделник во претпладневното тргување цените на акциите пораснаа, најмногу на берзата во Париз, бидејќи исходот од првиот круг од парламентарните избори во Франција не беше толку лош за партијата на претседателот Емануел Макрон како што стравуваа инвеститорите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 1 процент во претпладневниот пресек од тргувањето, по падот четири дена по ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,60 отсто, на 8.215 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,98 отсто, на 18.415 поени, а париски CAC за 2,78 отсто, на 7.687 поени.
Со денешниот скок, индексот CAC ги надомести сите загуби од минатата седмица, кога падна за речиси 2 отсто и падна на најниско ниво во последните пет месеци.
Пазарите беа поддржани од резултатите од парламентарните избори во Франција. Додуша, крајно десничарската партија Национален собир (RN) на Марин Ле Пен освои релативно мнозинство во првиот круг од изборите во неделата, но со помала разлика отколку што сугерираа некои анкети.
Националниот собор овои 34 отсто од гласовите, левиот блок доби 29 отсто, а центристите на претседателот Емануел Макрон добија 21 отсто. Сепак, конечните резултати ќе зависат од преговорите во пресрет на вториот круг од изборите на 7 јули, а се верува дека RN нема да може да добие апсолутно мнозинство.
Благодарение на ова претпладнево најмногу пораснаа цените на акциите на француските банки „BNP Paribas“, „Societe Generale“ и „Credit Agricole“, меѓу 4,8 и 8 отсто.
Истовремено азиските берзи забележаа благ раст. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиотпресек од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,3 отсто, откако порасна за околу 7 отсто во првата половина од годината. Претпладнево јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,1 отсто, додека во Јужна Кореја и Шангај цените на акциите пораснаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто. Во Австралија, пак, се лизнаа за 0,2 отсто, додека во Хонгконг несе работи поради празник.
Инвеститорите беа предупредени од ревидираните податоци кои покажуваат дека јапонскиот бруто-домашен производ (БДП) паднал за 2,9 отсто на годишно ниво во првиот квартал, наместо претходно проценетите 1,8 отсто. Дополнително, надолно беа ревидирани и податоците за растот во претходните два квартала.
Ниту од Кина не стигнаа подобри податоци. Официјалниот извештај покажа дека PMI индексот на производствената активност во јуни изнесувал 49,5 поени, исто како и еден месец претходно, што укажува на слабеење на производството втор месец по ред. Сепак, приватниот извештај на „Caixin/S&P Global“ покажа, од друга страна, дека PMI индексот на производствена активност порасна од претходните 51,7 на 51,8 поени во јуни, што претставува највисоко ниво на тој индекс во последните три години.