Европските берзи благо пораснаа во четвртокот во претпладневнтоо тргување додека инвеститорите ги следат вестите за општите избори во Велика Британија.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,2 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,53 отсто, на 8.215 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,33 отсто, на 18.435 поени, а париски CAC за 0,64 отсто, на 7.680 поени.
Инвеститорите денеска ќе се фокусираат на општите избори во Велика Британија, а анкетите покажуваат дека централно-левичарската Лабуристичка партија би можела да обезбеди големо мнозинство во Долниот дом и да формира нова влада.
Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,7 отсто во истиот период од тргувањето како и во Европа, и го достигна највисокото ниво од април 2022 година. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Шангај, пак, паднаа за 0,7 отсто.
Така, азиските пазари го следат вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит. Сепак, индексот Dow Jones ослабе за 0,06 отсто, но S&P 500 порасна за 0,51 отсто, како и Nasdaq индексот за 0,88 отсто.
Во исто време, S&P 500 и Nasdaq достигнаа нови рекордни нивоа, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор. Цената на акцијата на „Nvidia“ скокна за повеќе од 4 отсто, а значително пораснаа и цените на акциите на другите производители на чипови.
Акциите на „Tesla пораснаа за дополнителни 5 отсто, откако претходниот ден скокнаа за повеќе од 10 отсто, бидејќи производителот на електрични возила објави помал од очекуваниот пад на испораките во вториот квартал.
Инвеститорите беа охрабрени од послабите од очекуваните податоци од американскиот пазар на труд, бидејќи слабеењето на тој пазар може да доведе до помал притисок врз растот на платите и потрошувачката. А тоа, пак, би довело до слабеење на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Благодарение на ова, зајакнаа шпекулациите дека Fed ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.
Инаку, тргувањето во Њујорк во средата беше краткотрајно пред Денот на независноста во четврток кога не се работи во САД. Во петок, пак, ќе биде објавен извештајот за вработување во САД, кој обично има значително влијание врз насоката на пазарот.