Цените на акциите пораснаа на европските берзи во вторник во претпладневното тргување, втор ден по ред, а инвеститорите се фокусирани на кварталните деловни извештаи на компаниите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,4 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,23 отсто, на 8.305 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,46 отсто, на 19.620 поени, а париски CAC за 0,62 отсто, на 7.605 поени.
Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. На токиската берза, во истиот период од тргувањето како и во Европа, индексот Nikkei порасна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија и Хонгконг пораснаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто. Во Шангај, пак, паднаа за 1,1 отсто.
Индексот Nikkei порасна втор ден по ред, благодарение на постојаните пораки на политичарите дека јапонската централна банка не треба дополнително да ја заострува монетарната политика. Пазарот го поддржа и тоа што стапката на невработеност во септември се лизна од 2,5 на 2,4 отсто, што укажува на добра состојба во економијата.
Инвеститорите се фокусирани и на политичката сцена откако владејачката коалиција го загуби парламентарното мнозинство на изборите во неделата, што ја зголеми неизвесноста за составот на идната влада и изгледите за јапонската економија.
На берзата во Шангај, пак, цените на акциите паднаа бидејќи сите најнови податоци покажаа дека втората по големина економија во светот сѐ уште расте побавно од очекуваното, а ќе биде потребно извесно време пред неодамна воведениот монетарен и фискален стимул да даде резултати.
А пазарите се поддржани од благиот раст на Волстрит ден претходно. Dow Jones зајакна за 0,65 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,27 отсто, а Nasdaq индексот за 0,26 отсто. Откако се лизнаа од рекордните нивоа минатата седмица, индексите S&P 500 и Dow Jones закрепнаа дел од своите загуби вчера.
Инвеститорите оваа седмица ќе се фокусираат на кварталните деловни резултати на компаниите. Повеќе од 160 компании од составот на S&P 500 инексот ќе објавуваат извештаи, а најголемо внимание ќе привлечат резултатите на технолошките гиганти, како „Apple“, „Alphabet“, „Microsoft“, „Amazon.com“ и „Meta Platforms“. Цените на акциите на овие компании, како и на други од групата т.н „Величествените седум“ драстично пораснаа последните години, па нивните резултати ќе покажат дали таквиот раст е оправдан.