Европските берзи растат пред извештај за инфлацијата во САД, кинеските под притиск на новите американски царини

Цените на европските акции пораснаа во средата во претпладневното тргувањето, како и на њујоршки Волстрит претходниот ден, додека инвеститорите го чекаат извештајот за инфлацијата во САД, кој може да има значително влијание на пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен просек од тргувањето порасна за 0,3 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,52 отсто, на 8.470 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,33 отсто, на 18.777 поени, а париски CAC за 0,24 отсто, на 8.245 поени.

Така, берзите го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,32 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,48 отсто, а Nasdaq индексот 0,75 отсто.

Инвеститорите се внимателни, бидејќи новите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,5 отсто на месечно и 2,2 отсто на годишно ниво во април, повеќе од очекувањата на аналитичарите. Тоа значи дека инфлацијата ќе остане покачена подолг период отколку што се надеваа инвеститорите, а исто така значи дека каматните стапки на американската централна банка ќе останат покачени подолго од очекуваното. Тоа вчера и го изјави претседателот на Fed, Џером Пауел.

„Не очекувавме дека ќе биде лесно. Но, овие податоци за инфлацијата се повисоки отколку што некој очекуваше. И тоа ни кажува дека треба да бидеме трпеливи и да дозволиме рестриктивната монетарна политика да си ја заврши работата“, рече Пауел на собирот на банкарите.

До неодамна, инвеститорите се надеваа дека Fed агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, но очигледно тоа нема да биде случај, а намалувањето на каматите е можно дури наесен. Но, по вчерашните податоци, стивнаа очекувањата дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември.

Сепак, берзанските индекси вчера пораснаа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораката на Пауел дека не очекува зголемување на каматните стапки и покрај зголемената инфлација.

Во среда ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, што исто така може да влијае на насоката на пазарот. Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека основната стапка на потрошувачки цени, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, може да се зголеми за 0,3 отсто на месечно ниво во април, а 3,6 отсто на годишно ниво.

И на азиските берзи се тргува внимателно. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонскитеа, во истиот дневен пресек како и во Европа порасна за 0,2 отсто и достигна ново 15-месечен максимум. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei zајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 0,8 отсто.

Кинеските берзи се под притисок поради одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ги зголеми царините за увоз на низа кинески производи, од батерии за електрични автомобили и чипови до некои медицински производи. Тоа покажува дека трговските односи меѓу Вашингтон и Пекинг се влошуваат, а инвеститорите стравуваат дека Кина ќе одговори со слични рестриктивни трговски мерки.