На европските берзи цените на акциите во четвртокот претпладнето паднаа втор ден по ред, следејќи ја насоката на Волстрит, кој вчера забележа најголем дневен пад од 2022 година.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус за околу 1 отсто во првиот дневвен пресек од тргувањето, откако вчера падна за 0,6 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабна за 0,89 отсто, на 8.080 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,20 отсто, на 18.166 поени, а париски CAC 1,75 отсто, на 7.380 поени.
Цените на акциите остро паднаа и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше во минус од 0,9 отсто, слабеејќи втор ден по ред. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei потона за повеќе од 3 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,5 и 1,7 отсто.
Падот на технолошкиот сектор ги потресе берзите. Азиските инвеститори беа обесхрабрени од вчерашниот пад на американските индекси S&P 500 и Nasdaq по највисоките стапки од 2022 година. На Волстрит индексот Dow Jones се лизна за 1,25 отсто, додека S&P 500 потона за 2,31 отсто, а Nasdaq 3,64 отсто.
Тоа беше последица на послабите од очекуваните деловни резултати на два технолошки гиганта „Tesla“ и „Alphabet“. Додека приходите и заработката на „Alphabet“ беа во согласност со очекувањата, бидејќи приходите од реклами не ги надминуваа очекувањата, цената на акциите на технолошкиот гигант падна за 5 отсто. Цената на акцијата на „Tesla“ потона уште повеќе, за над од 12 отсто, откако производителот на електрични возила објави заработка помала од очекуваната и пад од 7 отсто на приходите од продажба на автомобили.
Цените на акциите на овие, како и на другите технолошки гиганти од групата на т.н Величествените седум се зголемија силно во последните месеци, поттикнати од надежите на инвеститорите за силен раст на приходите и заработката. Затоа, секој резултат кој е под очекуваното може да предизвика нагло опаѓање на цените на овие акции. Цените на акциите на другите технолошки гиганти „Apple“, „Microsoft“, „Amazon.com“, „Meta Platforms“ и „Nvidia“ вчера паднаа меѓу 2,9 и 6,8 отсто.
„Некои инвеститори одлучија да повлечат дел од заработката од пазарот бидејќи се загрижени за идните деловни извештаи на компанијата“, рече Дејв Гресек, стратег во „Aspiriant“.