Европските берзи се лизнаа од рекордните нивоа, пад и на азиските

На европските берзи во петокот во пртпалдневното тргување цените на акциите благо се лизнаа од рекордните нивоа постигнати ден претходно, откако швајцарската централна банка неочекувано ги намали каматните стапки.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто претпладнето, откако вчера го достигна највисокото ниво во историјата. Утринава лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,28 отсто, на 7.905 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,03 отсто, на 18.180 поени, а париски CAC 0,26 отсто, на 8.158 поени.

Вчера овие индекси значително пораснаа, откако швајцарската централна банка (SNB) неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, на 1,5 отсто. Таа е првата голема централна банка која ги намали каматните стапки, по долгиот циклус на затегнување на монетарната политика, што на пазарот се гледа како прв сигнал дека борбата против инфлацијата во западните земји е речиси добиена.

И на азиските берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус за повеќе од 1 процент во истиот период од тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,2 отсто, на ново рекордно ниво, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 2,1 отсто.

Најмногу паднаа цените на акциите претпладнево на кинеските берзи, бидејќи повторно заживеаја стравувањата од продлабочување на кризата на пазарот на недвижности. Дополнително, инвеститорите се загрижени поради бавниот раст на економијата во Кина, како и падот на курсот на јуанот во однос на доларот на најниско ниво во последните четири месеци.

И во Јапонија внимателно се следи девизниот пазар, со оглед на тоа што курсот на јенот во однос на доларот не е далеку од најниските нивоа во последните децении. Откако јапонската централна банка стави крај на негативните каматни стапки, јенот беше под притисок, што е невообичаено бидејќи валутите обично зајакнуваат кога централните банки ја заоструваат монетарната политика.

Слабоста на јенот во моментов позитивно се одразува на Токиската берза, бидејќи ги прави јапонските производи поконкурентни на светскиот пазар.
Но, прашањето, велат аналитичарите, е што ќе се случи во наредните недели и дали монетарните власти ќе интервенираат за да го запрат падот на јенот.

Поради сево ова, азиските инвеститори не беа охрабрени од вчерашниот раст на Волстрит, каде трите најважни индекси достигнаа нови рекордни нивоа.