![evropski berzi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/evropski-berzi-2.jpg?resize=696%2C458&ssl=1)
На европските берзи во четврток претпладнето се тргува претпазливо, при што индексите стагнираат, додека инвеститорите се фокусирани на рударскиот сектор поради понудата за преземање на компанијата „Anglo American“.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во претпладневнито пресек од тргувањето. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,50 отсто, на 8.080 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,34 отсто, на 18.030 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 8.089 поени.
И додека повеќето сектори се во мал минус, цените на акциите во рударскиот сектор пораснаа во просек за 2,3 отсто. Ова најмногу се должи на скокот на цената на акциите на „Anglo American“ за 12 отсто, по веста дека австралиската „BHP Group“ понудила 39 милијарди долари за преземање на компанијата.
А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше намален за 0,7 отсто, откако порасна три дена по ред. Претпладнево на токиската берза индексот Nikei падна за 2,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја се лизнаа за 1,7 отсто. Во Шангај и Хонгконг поскапеа меѓу 0,2 и 0,5 отсто, додека во Австралија поради празниците берзите не се активни.
Берзите се претпазливи бидејќи гувернерите на јапонската централна банка одржуваат состанок што може да влијае на пазарите, при што јенот со седмици е под притисок, паѓајќи на најниско ниво во последните 34 години во однос на американскиот долар.
Технолошкиот сектор е под најголем притисок бидејќи инвеститорите беа загрижени од пораките и проценките од „Meta Platforms“. Оваа кровна компанија на социјалната мрежа Facebook навистина објави подобри квартални резултати од очекуваните, но нејзината акција падна за повеќе од 11 отсто во продолженото тргување по затворањето на Волстрит. Имено, инвеститорите ги загрижи пораката на менаџментот дека инвестициите годинава би можеле да достигнат 40 милијарди долари. Дополнително, деловните проценки за тековниот квартал се послаби од очекуваното.
Пазарите беа поддржани од фактот што бруто домашниот производ (БДП) на Јужна Кореја во првиот квартал порасна за 3,4 отсто на годишна основа, што е највисоко од последниот квартал на 2021 година.