Европските берзи во 2023. го следеа силниот раст на Волстрит

Минатата седмица на светските берзи се тргуваше мирно, бидејќи немаше вести кои значително би влијаеле на пазарите, а цените на акциите благо пораснаа, со што се консолидираа добивките во текот на годината.

На Волстрит, Dow Jones минатата седмица зајакна за 0,8 отсто, на 37.689 поени, додека S&P 500 порасна за 0,3 отсто, на 4.769 поени, а индексот Nasdaq порасна за 0,1 отсто, на 15.011 поени.

Овие индекси пораснаа деветта седмица со ред, а во текот на седмицата Dow Jones достигна рекордно ниво, додека S&P 500 се приближи до рекордното ниво за помалку од 1 процент. Така, индексите ги консолидираа своите добивки во 2023 година. Dow Jones порасна за 13,7 отсто, S&P 500 24,2, а Nasdaq индексот 43,4 отсто.

Силниот раст на цените на акциите во изминатата година е благодарение на постепеното ублажување на инфлацијата во САД и забавувањето на економскиот раст. Имено, поради ова американската централна банка Federal Reserve (Fed) најверојатно го завршила циклусот на зголемувања на каматните стапки, па следната година следуваат намалувања на каматите. На пазарот на пари, се проценува дека Fed би можел да започне со намалување на каматните стапки веќе во март.

Пазарот е поддржан и од уверувањето на инвеститорите дека и покрај агресивното зголемување на каматните стапки во последните години, економијата ќе избегне рецесија.

Благодарение на ова, индексот S&P 500 растеше девет седмици со ред, што не е забележано уште од 2004 година.

„Ова е еден од најголемите пазарни скокови на крајот на годината, а започна уште пред пораките на Fed во средината на декември во врска со каматните стапки и инфлацијата. Тоа покажува колку далеку сме стигнале од дното на пазарот на ‘мечката’ минатата година и ги потсетува инвеститорите дека после темните облаци секогаш доаѓа сонце“, рече Рајан Детрик, стратег во компамнијата „Carson Group“.

 

Европскиот STOXX 600 порасна за повеќе од 12 проценти

И на повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,5 отсто, на 7.733 поени, а франкфуртски DAX за 0,3 отсто, на 16.751 поен. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,3 отсто, на 7.543 поени.

Во целата измината година овие индекси бележеа значителен раст. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции скокна за 12,6 отсто, со што го надомести најголемиот дел од загубата од претходната година. Затоа, се движи околу највисокото ниво во последните 23 месеци.

Германскиот DAX порасна за речиси 20 отсто во текот на изминатата година и покрај независната ситуација во економијата. Францускиот CAC, пак, порасна за повеќе од 16 отсто, а британскиот FTSE за околу 3,6 отсто.

Силниот раст на берзанските индекси во земјите од еврозоната е благодарение на проценките дека Европската централна банка (ECB) , како и Fed, го завршија циклусот на зголемување на каматните стапки и ќе ги намалат следната година.

 

Азиските берзи во просек пораснаа за околу 5 отсто

И на повеќето азиски берзи оваа година цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за околу 5 отсто, што е негова прва добивка по две години пад.

Најмногу оваа година скокна јапонскиот индекс Nikkei, околу 28 отсто и се движи на највисоките нивоа во последниве повеќе од 30 години. Следуваше тајванската берза со раст од речиси 27 отсто, додека индискиот Нифти индекс порасна за околу 20 отсто. Од друга страна, цените на акциите најмногу паднаа годинава на берзата во Тајланд, околу 15 отсто.

Хонконшкиот индекс Hang Seng, од друга страна, се лизна за околу 14 отсто, додека индексите во Шангај се лизнаа за повеќе од 10 отсто. Ова е последица на кризата на кинескиот пазар на недвижности и побавното од очекуваното закрепнување на економијата од кризата со корона-пандемијата.