Европските берзи во минус втор ден по ред, пад и на азиските

Европските берзи паднаа во средата во претпладневното тргување, втор ден по ред, додека инвеститорите ги очекуваат деловните извештаи од компаниите и првата проценка на Eurostat за бруто домашниот производ (БДП).

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,5 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, слабеејќи втор ден по ред. Лондонски FTSE индекс претпладнево загуби 0,51 отсто, на 8.177 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,45 отсто, на 19.390 поени, а париски CAC за 0,78 отсто, на 7.450 поени.

Инвеститорите внимателно ги очекуваат новите деловни извештаи од компаниите, како и првата проценка на Eurostat за БДП-то, која ќе покаже каква била состојбата во економиите на еврозоната и на целата Европска унија во третиот квартал.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Азискиот индекс MSCI беше во минус од 0,2 отсто во раното претпладневно тргување. Во исто време, индексот Nikkei порасна за речиси 1 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,6 и 1,5 отсто.

Индексот Nikkei порасна трет ден по ред бидејќи инвеститорите веруваат дека јапонската централна банка нема дополнително да ја заостри монетарната политика додека не се забрза економскиот раст.

Но, на другите берзи, цените на акциите паднаа бидејќи сите најнови податоци покажаа дека кинеската економија сè уште расте побавно од очекуваното, и ќе биде потребно извесно време за неодамна воведениот монетарен и фискален стимул да вроди со плод.

Во пораките од кинеските власти се вели дека пазарот на недвижности, кој со години е во тешка криза, треба да се стабилизира следната година, но дека закрепнувањето ќе биде воздржано.