На европските берзи во понеделник во претпладневното тргување најважните берзански индекси се во минус, додека вложувачите проценуваат како најновиот извештај за вработување во САД ќе влијае на натамошната каматна политика на тамошната централна банка, а за новите насоки се очекуваат и податоците за инфлацијата.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 беше намален за 0,04 отсто во тргувањето до 10 часот, по лошото расположение во петокот на њујоршки Волстрит, откако минатата седмица веќе изгуби 2,4 отсто.
Истовремено, франкфуртски индекс DAX падна за 0,23 отсто, на 15.915 поени, лондонски Ftse за 0,32 отсто, на 7.539 поени, а парискиот индекс CAC за 0,08 отсто, на 7.309 индексни поени.
Со растечките очекувања дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) и Европската централна банка (ECBБ) се ближат до крајот на циклусот на затегнување на монетарната политика, инвеститорите ќе посветат особено внимание на податоците за инфлацијата од Германија, Кина и САД оваа седмица.
Учесниците на пазарите очекуваат дека овонеделните податоци за потрошувачките цени во САД во јули ќе покажат благ пораст на вкупната инфлација, за 3,3 отсто на годишна основа, но и забавување на уште поважната базична стапка на инфлација на 4,7 отсто. Во Кина, пак, се очекува новите ревидирани податоци за јули да покажат знаци на дефлација, со годишен пад на потрошувачките цени во јули од 0,5 отсто, а на производителните за 4 отсто.
Во меѓувреме, цената на акцијата на „Siemens Energy“ падна најмногу, за 5,8 отсто, откако германската енергетска групација објави дека проблемите во бизнисот со турбините на ветер ќе ја чинат 2,2 милијарди евра.
Најголем добитник, пак, беше акцијата на OHB, којашто поскапе за 33 отсто, бидејќи германската вселенска компанија објави доброволна јавна понуда на американската инвестициска компанија ККR за своите повластени акции.