На европските берзи индексите во вторникот во претпладневното тргување пораснаа, втор ден по ред, што најмногу се должи на корекцијата на цените на акциите по минатонеделниот остар пад и новите рекорди на Волстрит.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,6 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Лондонски FTSE индекс претпладнево зајакна 0,55 отсто, на 8.187 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,52 отсто, на 18.160 поени, а париски CAC за 0,47 отсто, на 7.607 поени.
Растот на индексите главно се должи на корекцијата на цените на акциите, откако минатата седмица тие остро паднаа поради политичката неизвесност во Франција.
Најмногу претпладнево поскапеа цените на акциите во туристичкиот сектор, во просек за 1,8 отсто. Силно пораснаа и цените на акциите на банките, за 1,4 отсто, продолжувајќи го нивното закрепнување по минатонеделниот пад од речиси 8 отсто.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,7 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,5 и 1 отсто. Во Хонгконг, пак, благо паднаа.
Откако вчера паднаа поради послабите од очекуваните економски показатели од Кина, берзанските индекси претпладнево ги надоместија тие загуби. Инвеститорите беа охрабрени од новите рекорди на индексот S&P 500 на Волстрит, како и на Nasdaq. Индексот Dow Jones вчера зајакна за 0,5 отсто, додека S&P 500 порасна за речиси 0,8 отсто, а Nasdaq за 0,95 отсто.
И вчера, како и минатата седмица, најмногу пораснаа цените на акциите на производителите на чипови и технолошките компании. Иако немаше нови значајни вести, цената на акцијата на „Apple“ порасна за 2 отсто, а на „Microsoft“ за 1 отсто. Поскапеа и акциите на другите технолошки гиганти, како „Alphabet“, „Amazon“, „Meta Platform“…
Оваа седмица ќе бидат објавени нови макроекономски податоци кои ќе ја покажат „кондицијата“ на американската економија, а на различни состаноци ќе зборуваат и бројни претставници на американската централна банка. Минатата седмица Fed објави проценки дека ќе ги намали каматните стапки само еднаш до крајот на годината, бидејќи инфлацијата и натаму е значително повисока од целното ниво од 2 отсто, но инвеститорите се надеваат на позначително намалување на цената на парите.