Повеќето извршни директори на европските корпорации очекуваат влошување на односите меѓу Европската унија и Кина во следните три години, наведувајќи ја стратегијата на Брисел за намалување на ризиците при водење бизнис со Кина и блиските врски меѓу Пекинг и Москва како главни проблеми.
Нешто повеќе од половина од анкетираните деловни челници, 54 отсто од нив, проценуваат дека односите меѓу ЕУ и Кина ќе се влошат, а само 7 отсто од нив очекуваат подобрување, покажува истражувањето на Европската тркалезна маса за индустрија (ERT), која вклучува извршни директори и претседатели големи европски компании како ASML и „Unilever“.
Европската унија е најголемиот пазар за извоз на стоки во Кина, а Кина е на трето место меѓу извозните дестинации на стоки од ЕУ.
Извршните директори на западните мултинационални компании со седиште во Кина се пооптимисти од нивните колеги во Европа и повеќе очекуваат стабилни односи отколку влошување, според истражувањето на ERT објавено во средата.
Најголемиот предизвик во проценката на двете групи e стратегиja nа ЕУ да се намали зависноста од Кина, бидејќи го доведува во прашање снабдувањето со клучни минерали и технологија.
Извршните директори, особено оние со седиште во Кина, ја издвојуваат „новата ера“ на партнерството Пекинг-Москва, односите на Кина со САД и големите индустриски капацитети на Кина како можни извори на триење меѓу ЕУ и Кина.
Истражувањето посебно покажа дека европските извршни директори и претседатели на компании се генерално пооптимисти отколку пред нешто повеќе од две години, но поизразениот оптимизам главно произлегува од бизнисот надвор од Европа.
Претседателите на управите на компаниите сметаат и дека новото водство на ЕУ, кое ќе биде именувано по изборите за Европскиот парламент, најмногу би ѝ помогнало на европската економија со поедноставување на регулативите и завршување на процесот за создавање единствен пазар на Европската унија.